Григорјан за МИА: Одбележуваме 30 години УНДП во земјава, преку грантови вложени се 230 милиони евра
- УНДП, нагласува тој, е безусловна понуда која им е достапна на граѓаните на Северна Македонија. Работата ја започна во октомври 1995 година со само четврица вработени, а сега има 80. Спроведени и поддржани се бројни проекти и програми во различни сектори и области. Покрај основното финансирање кое УНДП го придонесува со сопствени средства, се спроведуваат и иницијативи со пари од донатори.

Скопје, 15 март 2025 (МИА) – Организацијата за развој на Обединетите нации (УНДП), годинава одбележува 30 години од присуството во земјава. Јубилејот, како што истакнува во интервју за МИА постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан ќе биде одбележан со серија настани во различни делови на државата.
-Ќе спроведеме серија настани, а со ова интервју го најавуваме почетокот на кампањата. Од сега натаму секој месец ќе имаме најмалку два настана во различни делови од државата, во секој од планските региони. Потоа во октомври, во месецот кога се потпиша Стандардниот основен договор меѓу УНДП и Северна Македонија планираме завршен настан тука во Скопје, најавува Григорјан.
УНДП, нагласува тој, е безусловна понуда која им е достапна на граѓаните на Северна Македонија. Работата ја започна во октомври 1995 година со само четврица вработени, а сега има 80. Спроведени и поддржани се бројни проекти и програми во различни сектори и области. Покрај основното финансирање кое УНДП го придонесува со сопствени средства, се спроведуваат и иницијативи со пари од донатори.
-Сакам да ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на нашите донатори и партнери кои даваат поддршка на УНДП и преку тоа ја поддржуваат Северна Македонија во последните 30 години. Износот вложен од УНДП во Северна Македонија во последните 30 години во форма на чисти грантови е околу 230 милиони евра. Да се навратам на мојата прва изјава дека ова е можеби најбезусловната понуда која им е достапна на граѓаните. Бидејќи како УНДП, ние распишуваме тендер и го спроведуваме во име на Владата. Значи работиме согласно приоритетите на Владата, вели Григорјан во интервјуто.
Nекои од актуелните донатори со кои работи УНДП се ЕУ, Швајцарија, Шведска, Обединетото Кралство, Холандија, Словачка, Норвешка, Австрија, Јужна Кореа и други.
-Мислам дека она што е исто така важно за нас, не е износот на средствата што се инвестираат, туку довербата и партнерството што го создаваме преку заедничка работа со заедниците, со општеството, со националните институции, рече тој.
Осврнувајќи се на почетоците на Григорјан кажа дека првата иницијатива на УНДП во Северна Македонија беше Програмата „Чисто и зелено“ која почна во 1998 година со реконструкција на брегот на реката Вардар во Скопје.
- Исто така придонесовме за институционализација на Министерството за животна средина, помогнавме тоа да се формира како министерство, и до денес тоа министерство ни е еден од главните партнери во земјата, посочи Григорјан.
Во 2004 година УНДП го поддржала донесувањето на првата „Стратегија за информатичка технологија“ во партнерство и со поддршка на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски. Ова, нагласува постојаниот претставник на УНДП, беше многу голем чекор за дигиталната трансформација на земјата, а и денес тие се уште работат на дигитална трансформација со бројни национални институции, како и со општините.
Во 2006 година започна спроведувањето на сеопфатна програма за поддршка на политики, која подоцна премина во „Националната развојна стратегија“ на Северна Македонија и УНДП дава поддршка за неа.
- Исто така сме пионери во сајбер безбедност, даваме поддршка на Министерството за внатрешни работи уште од 2008 година и оваа соработка продолжува и денес. Долги години УНДП работи во партнерство со Владата на спроведување на Програмата за Националниот план за вработување, кој симболично се нарекува „Шанса за сите“. Повеќе од 15 години работиме со Агенцијата за вработување на креирање можности за граѓаните да можат полесно да се вработуваат, да се обучат за нови професии или пак да им се зголемат знаењата за определена професија. Ова партнерство овозможи основање на мали бизниси, стартапи, и самовработување за бројни лица во државата, со повеќе од 7000 успешни приказни до сега, рече Григорјан во интервјуто за МИА.
Зборувајќи за соработката со Агенцијата за вработување, тој посочи дека една од корпоративните иницијативи која УНДП ја спроведува е „Програмата за самовработување“.
-Во период од 15 години, колку што се спроведува оваа програма, таа креираше повеќе од 14.000 работни места. Само во 2024 година, повеќе од 2000 луѓе беа обучени за претприемништво, со што тие станаа конкурентни на пазарот и започнаа свои бизниси. Најголем дел од овие луѓе преминуваат од работа со поддршка во работа кои сами ја водат. Таквиот премин е токму она што ние го бараме со нашата програма. Сопственоста на програмата е или во јавниот сектор или во приватниот сектор во државата, вели Григорјан.
Друга важна иницијатива која ја спроведува УНДП е „Економија за нега“, преку која се поддржуваат лица со попреченост, малцинства, маргинализирани лица и се создаваат можности за нив да се вработат, да отворат своја фирма или пак да бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
-Од почетокот до сега преку 500 жени учествуваа на нашите обуки за растење на капацитети и преку 500 жени беа вработени преку Програмата. Друга компонента од програмата за „Економија за нега“, е нашата работа со маргинализирани лица, и тоа преку „Програмата за Роми повратници“ каде УНДП дава поддршка на луѓето што се враќаат од Европа или од други места и ја поддржува нивната интеграција во општеството, како и економските, социјалните, правните и други аспекти, рече тој.
Григорјан посочи дека само минатата 2024 година, повеќе од 100 повратници завршиле основно образование.
Следна област на активност која ја истакнува, бидејќи и тој лично бил вклучен во неа на мојата претходна позиција, е „Програмата на ЕУ за обнова по поплави“ за Западен Балкан со силна компонента во Северна Македонија која започна во 2015 година.
-По разорните поплави УНДП презема неколку иницијативи во Северна Македонија и една од тие иницијативи е „Програмата на ЕУ за обнова по поплави“ каде исчистивме повеќе од 40 км од речното корито, 20 км во реката Струмица и беа изградени повеќе од 100 метри потпора на речното корито. Исто така започнавме програма во Полошкиот регион, каде што поплавите исто имаа разорни последици и за жал имаше и жртви, а некои од најдобрите активности од оваа програма беа чистењето и зајакнувањето на речното корито во Гостивар, како и во Јегуновце. Оваа програма покажа како првичниот придонес од УНДП може да создаде интерес и да обезбеди средства и од владата и од други донатори, рече постојаниот претставник на УНДП.
Демократското владеење е област во која е ангажирана УНДП во Северна Македонија за која веруваат дека е многу важна.
-Ние работиме на зајакнување на властите, на локален развој, на поддршка на реформата за децентрализација како и на фискална децентрализација. Во оваа фаза даваме поддршка на националните институции за дигитализација на локалните услуги, дигитализација на централните услуги, јавните услуги кои ги нудат општините и централните власти, достапни на порталот ЛОГЕС и на uslugi.mk. Покрај тоа повеќе од 15.000 граѓани во 54 општини, беа обучени и спроведоа 55 проекти поврзани со зајканување на системот на владеење во општините. Работиме на приближување на граѓанскиот сектор до советниците и градоначалниците за сите да работат заедно. Последно нешто во овој домен е борбата против корупцијата. Знаете дека за новата Влада борбата против корупција е еден од приоритетите и среќни сме што можеме да понудиме пакет за поддршка на владата, вели Григорјан.
Постојаниот претставник на УНДП нагласи дека меѓу приоритетите на Организацијата во земјава се Националната развојна стратегија, Зелениот финансиски инструмент и изградбата на граничниот премин „Маркова Нога“ со соседна Грција, што започна во средата, и е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“. Во интервјуто тој не посочува дали ќе бидат скратени средства за проекти што се реализираат кај нас, имајќи ги предвид геополитичките случувања и најавените кратења на средства за одредени светски организации, но укажува дека на приоритетните проекти што треба и очекува да се реализираат.
-Да, навистина живееме во тешки времиња, но сакам да наведам неколку програми кои ни се приоритет во овие тешки времиња и со кои сакаме да продолжиме. „Националната развојна стратегија“ е нешто што го започнавме пред неколку години, а минатата година беше усвоена од Собранието. Со одлука на Владата формиран е Национален совет за развој, со кој претседава премиерот и Стратегијата е главниот развоен документ за земјата за наредните 20 години. Значи без оглед на состојбите со средствата, би сакале да продолжиме со поддршка на оваа активност, рече тој.
Посочи на, како што вели, единственото партнерство меѓу УНДП, Европска банка за обнова и развој, Владата и бројни други партнери кое овозможи формирање на „Фонд за зелено финансирање“.
- Тој се формира со средства обезбедени од УНДП преку „Фондот за оддржлив развој“. Овие средства се зголемија четворократно преку Европската банка за обнова и развој и ние развивме два производи. Едниот производ кој се нуди преку комерцијалните банки е заем со субвенционирана каматна стапка за физички лица за зазеленување на нивните домови. Вообичаено со средствата се купуваат инвертери, сончеви панели, се подобрува изолацијата со цел да се намали потрошувачката на струја но најважно се намалуваат и трошоците. И вториот производ е сличен на првиот, но за малите бизниси. И оваа компонента ја спроведува Европската банка за обнова и развој. Во моментов имаме почетен договор да продолжиме и по завршувањето на оваа фаза, бидејќи задоволни сме и Владата и ние, но најважно е што и корисниците се многу среќни. Во моментов имаме поголема побарувачка за производите што ги нудат комерцијалните банки од тоа што имаме достапни средства, така што сега преговараме за следната фаза, рече Григорјан.
Поврзани со оваа иницијатива, продолжува тој, се активностите за намалување на загадувањето на воздухот што се спроведуваат во пет општини во државата.
-Ова е исто така иницијатива за која средствата ги обезбедуваат заеднички Шведска, УНДП и општините кориснички. Во претходната фаза од оваа програма работевме во Скопје, и со мерките спроведени во повеќе од 130 домаќинства постигнавме подобар квалитет на воздух и во нивните домови, но и надвор, рече Григорјан.
Последна од трите приоритети на УНДП, како што посочи, е програмата која се нарекува „ЕУ за Преспа“ и изградбата на граничниот премин Маркова Нога. Оваа иницијатива е финансирана од ЕУ, од УНДП и од Владата.
- Сепак сакам да кажам дека финансиската ситуација ќе влијае врз сите и мислам дека ќе мора ова да го земеме предвид и да маневрираме во овие несигурни времиња кои доаѓаат, нагласи тој.
За тоа што му се допаѓа во земјава, во која како постојан претставник е од октомври 2021 година, постојаниот претставник на УНДП Григорјан, вели дека во овие 3 и пол години во Скопје, каде што сега живее научил многу и сè уште учи, но некои работи кои ќе останат со него дури и кога ќе си замине се луѓето, кои се топли, гостопримливи, љубезни, културата која е слична на културата во неговата држава, како и природата која е многу убава.
-И секако најважна е храната, имате одлична храна и мислам дека целиот регион знае колку добра храна и вино имате во Северна Македонија, вели постојаниот претставник на УНДП во Скопје Армен Григорјан во интервјуто за МИА.
Елизабета Велјановска Најдеска
Фото: Дарко Попов
Видео и монтажа: Аслан Вишко