• понеделник, 23 декември 2024

ГРЕКО предупредува на ограничено право на пристап до информации во некои европски држави

ГРЕКО предупредува на ограничено право на пристап до информации во некои европски држави

Стразбур, 15 јуни 2023 (МИА) - Групата држави против корупција при Советот на Европа (ГРЕКО) денеска го претстави годишниот извештај за своите активности, во кој изразува загриженост поради ограниченото спроведување на правото на пристап до информации од јавен карактер во некои европски земји. Групата ги повикува властите да ги почитуваат меѓународните барања во оваа област, се вели во соопштението по повод презентацијата на документот.

Во извештајот се посочува важноста на пристапот до информации за да се обезбеди транспарентност и да се олесни гонењето на коруптивното однесување.

„Жалиме што во некои земји владите сè уште имаат широка дискреција околу тоа што е во јавен домен и дали да исклучат одредени документи од достапност до јавноста. Владите честопати не сакаат да откриваат информации и претпочитаат да применуваат исклучоци за да ги задржат сите или делови од бараните информации“, се вели во извештајот.

Се додава дека се констатирани недостатоци во однос на пристапот до информации во процесот на подготовка на предлог-законите. Роковите за јавна консултација честопати не се почитуваат, се наведува во извештајот. До крајот на 2022 година, помалку од половина од препораките на Групата за високи владини функционери и помалку од две третини од нејзините препораки за полициска работа беа целосно или делумно спроведени, се наведува во текстот. ссм/

Остани поврзан