• сабота, 23 ноември 2024

Граѓаните на Делчево со зголемена доверба во работата на дел од надлежните инспекторати

Граѓаните на Делчево со зголемена доверба во работата на дел од надлежните инспекторати

Делчево, 2 октомври 2023 (МИА) - Граѓаните на Делчево се почесто пријавуваат проблеми до надлежните инспекторати, а одговорите кои ги добиваат генерално се во законски предвидениот рок. Ова е заклучокот од неколкуте направени анкети во рамки на проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“, кој невладината организација „КХАМ“ од Делчево го реализира со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Виолета Арсова, жител на населбата Ново Делчево вели дека проектот доста им помогнал на жителите за решавање на дел од нивните проблеми и притоа да имаат зголемена доверба во самите инспекторати.

-На пример јас како жител на Ново Делчево многу голем проблем ми беше фудбалското игралиште на кое се собираат мали деца, кои претрчуваат преку улицата и предлог ни беше поставување на неколку лежечки полицајци. Благодарение на инспекцијата тоа е и направено, вклучено во програмата, поточно да се направи тоа. Лично сум задоволна од службите заради тоа што сме пријавувале и до другите инспекции, секогаш имаме позитивен одговор, рече Арсова.

За да се решаваат шроблемите ги охрабри граѓаните почесто да пријавуваат проблеми до надлежните инспекторати.

-Друг проблем е тоа што граѓаните не пријавуваат, мислат дека проблемите можат сами по себе да се решат или ако пријават па инспекторот нема да дојде, а факт е дека се додека не побараш помош, нема што да чекаш. Мора да се направи писмена пријава до соодветната инспекција и тие се должни и обично доаѓаат, излегуваат на терен ја гледаат ситуацијата, како е на терен и реагираат, кој во која област е инспектор, додава Арсова.

Позитивна оценка за работата на општинскиот инспектор за животна средина даде и делчевскиот советник Иван Гоцевски, кој рече дека се што имаат побарано како одговор од инспекторот,  како советничка група го имаат добиено во законски предвидениот рок.

-Ако станува збор за инспекторот за животна средина, можам да кажам од името на советник и координатор на советничка група, по претходни поставени прашања од наша страна добивме прашања во законски предвидениот рок. Тие одговори беа поткрепени со материјали кои ние ги баравме во согласност со ингеренциите на инспекторот за животна средина, т.е. се што е побарано од наша страна е и добиено, рече Гоцевски.

Во однос на барањата до останатите инспекторати посочи дека сликата која ја даваат директорите и раководителите на даден дел од институциите се пресликува и кај самите инспектори, т.е. во оние сектори од институциите каде не добиле одговор, не добиле одговор и од самите инспектори.

Невладината организација „КХАМ“ од Делчево проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“ го имплементира преку Центарот за промоција на Цивилното друштво (CPCD) и Центарот за истражување и креирање политики. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан