• понеделник, 23 декември 2024

Графит „Срби на врби“ на зградата на почесниот конзулат на Србија во Пловдив, реакција на српското МНР

Графит „Срби на врби“ на зградата на почесниот конзулат на Србија во Пловдив, реакција на српското МНР
Белград, 6 јули 2021 (МИА) – На зградата на Почесниот конзулат на Република Србија во Пловдив, Р. Бугарија, синоќа беше испишан графит „Срби на врби“, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија и ги повика надлежните органи во Бугарија најитно да реагираат и да го пронајдат виновникот на овој вознемирувачки инцидент, јави дописникот на МИА од Белград. Во соопштението на МНР се вели дека српската амбасада во Софија официјално го известила бугарското Министерство за надворешни работи за овој вандалски чин и недвосмислен чин на омраза. - Станува збор за извик под кој беа извршени најмонструозните масовни злосторства против српскиот народ во Втората светска војна на територијата на поранешната нацистичка креација на Независна држава Хрватска, и кој беше шовинистичко мото за време на протерувањето на српското население од Република Хрватска во таканаречените операции „Блесок“ и „Бура“, се наведува во соопштението. Српското МНР изразува уверување дека „не станува збор за провокација испратена од страна на бугарски граѓани, бидејќи нашите земји и народи воспоставија високо ниво на доверба и пријателски односи“, поради што, како што се наведува во соопштението, „се верува дека брзата и одлучна реакција ќе го расветли инцидентот и ќе ги изведе сторителите пред лицето на правдата“. об/

Остани поврзан