• сабота, 21 декември 2024

Гран при за КУД „Јане Сандански“, а Гајдата на Пеце за Здравко Андонов од Ињево, Радовишко на фестивалот „Пеце Атанасовски“

Гран при за КУД „Јане Сандански“, а Гајдата на Пеце за Здравко Андонов од Ињево, Радовишко на фестивалот „Пеце Атанасовски“

Прилеп, 7 јули 2024 (МИА) - Искусниот гајдаџија Здравко Андонов од село Ињево, Радовишко е годинашниов добитник на Гајдата на Пеце која ја доделува општина Долнени  како најдобар изведувач, а Културно-уметничкото друштво „Јане Сандански“ од Неготино е добитник на Гран при наградата на 50. јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој се одржуваше во Прилеп и на Рудина, Долнени.

Фестивалот додели и 6 награди-гајдарки, 10 статуетки и 50 плакети на истакнати учесници. Жирито кое одлучуваше го сочинуваат истакнати фолклористи: професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и доцент д-р Стојанче Костов.

На Фестивалот учествуваа преку 250 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија. По 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, а беа промовирани и зборникот на научни трудови „Фолклорот во минатото и денес“, како и монографијата за 50-годишниот јубилеј на Фестивалот „Непресушен извор-за навек“.

Фестивалот во петокот го отвори дефилето на 50 гајдаџии во центарот на Прилеп, а втората фестивалска вечер се одржа синоќа на Рудина, Долнени. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан