• понеделник, 23 декември 2024

Град Скопје распиша јавен повик за бесплатна настава и обука за оџачари

Град Скопје распиша јавен повик за бесплатна настава и обука за оџачари
Скопје, 27 април 2022 (МИА) - Град Скопје објави јавен повик за посетување бесплатна настава и обука за оџачари. Право на учество имаат жителите од општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Заинтересираните лица треба да имаат завршено најмалку средно образование, а можат да аплицираат со доставување писмо за интерес, во кое задолжително ќе наведат: име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта. Писмото на интерес можат да го достават по пат на е-пошта на следната адреса - nakopa@skopje.gov.mk, или во печатена верзија (лично преку архива или по пошта) до Град Скопје, бул. „Илинден“ бр. 82, 1000 Скопје, со назнака: За посетување бесплатна настава и обука за оџачар во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“. Краен рок за доставување на писма за интерес е 15 мај 2022 до 15:00 часот. Јавниот повик со сите критериуми и услови за аплицирање е доставен на: https://skopje.gov.mk/media/8458/javen-povik-obuka-odzacari.pdf Градските власти потсетуваат дека го спроведуваат проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопјe“, кој е финансиран од Министерство за економска соработка и развој од Сојузна Република Германија и се реализира во соработка со збратимениот град Нирнберг од Сојузна Република Германија. -Проектот има за цел да обезбеди контрола на загадувањето на воздухот во Скопје на начин на кој ќе обезбеди услови за одржување на бесплатна настава и обука за возобновување на професијата оџачар преку размена на искуства со оџачари од Сојузна Република Германија, се наведува во соопштението од Град Скопје. мд/дма/

Остани поврзан