• четврток, 19 декември 2024

Градоначалниците од источниот регион бараат да се одобрат согласности за вработување на кадар во градинките

Градоначалниците од источниот регион бараат да се одобрат согласности за вработување на кадар во градинките

Штип, 4 септември 2023 (МИА) - Градоначалниците од Брегалничкиот регион, кои се од редовите на ВМРО ДПМНЕ денеска на прес-конференција во Штип порачаа дека згрижувачкиот процес во детските градинки е загрозен и има долга листа на чекање за прием на деца, бидејќи две години немаат добиено согласности за вработување на кадар во градинките и тоа на работни позиции кои се испразнети по основ на пензионирање.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека Министерството за труд и социјална политика веќе две години не ја почитува законската обврска да даде согласност за потполнување на веќе испразнетите, како што вели, стотици работни места во детските градинки, во кои директори се од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Посочува дека поради ова е загрозен воспитно - згрижувачкиот процес во градинките.

- Ќе дадам пример, ако во една група има 25 дечиња и во истата група имало еден неговател и еден воспитувач, коишто се грижеле за 25 деца, заради селективниот однос на Министерството за труд и социјална политика овие групи, нивното функционирање и давањето на услуга на дечињата, коишто се згрижени во групите се доведени во прашање. Затоа што ако претходно соодветен број на воспитувачи и негователи давале услуга и ги згрижувале дечињата, овој број е намален, а со тоа се доведува до прашање функционирањето на градинките, вели Јорданов.

Посочи дека конкретно директорките на детските градинки во Штип имаат неколкупати праќано барање за одобрување на согласности за вработување на воспитувачи и неговатеки на испразнетите места по основ на пензионирање, но немаат никакви повратни одговори и информации за нивните барања.

- Дополнително, проблемот којшто сакам да го споделам со јавноста е и дека нашите постоечки директори на градинките немаат можност за полагање на менаџерски испит, за да истите бидат назначени како директори на овие институции, вели Јорданов.

Посочува дека на овој начин се врши грубо кршење на Законот, а во исто време им пристигнуваат и дописи од Министерството за труд и социјална политика во кои се вели ако општината не изврши назначување на директори на градинките ќе и се одземат ингеренциите.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев вели дека иста е и состојбата во оваа општина, каде што има десетина испразнети работни места во градинките, но согласности за вработување не добиваат.

МИА претходно информираше дека во Штип се појави листа за чекање на прием на деца во градинките не поради просторните можности, туку поради недостаток на кадар. вдј/ев/  

Фото: МИА 

Остани поврзан