Градоначалникот на Општина Драгаш Беџет Џеладини во посета на Општина Маврово и Ростуше
- Во посета на Oпштина Маврово и Ростуше денеска престојуваше делегација од Oпштина Драгаш, Косово, предводена од градоначалникот Беџет Џеладини.

Дебар, 9 мај 2025 (МИА) - Во посета на Oпштина Маврово и Ростуше денеска престојуваше делегација од Oпштина Драгаш, Косово, предводена од градоначалникот Беџет Џеладини.
На средбата со градоначалникот на Oпштина Маврово и Ростуше Медат Куртовски станало збор за меѓусебната соработка во наредниот период, а договорено е да почнат постапка за збратимување на Oпштина Маврово и Ростуше и Oпштина Драгаш.
– Веруваме дека тоа ќе допринесе до повторно привремено отворање на граничниот премин Стрезимир-Рестилица оваа година, како и побрза реализација на проект за асфалтирање на патот преку Стрезимир, до каде од нивна страна е асфалтиран до нашата граница. Во моментов се врши проектирање на патот од страна на Јавното претпријатие за државни патишта кое потоа треба да се реализира, информираше Куртовски.
Џеладини бил придружуван од претседателката на Советот, Аријета Ќафлеши – Скерај, заменик градоначалникот Фејсал Халиловиќ и директорот на канцеларијата за малцинства Узаир Хамза.
За време на престојот, додаде Куртовски, го посетивме и општинското основно училиште „Хајан Селмани" во Ростуше каде гостите се запознаа со историјата на училиштето и наставниот процес во училиштата кои функционираат во рамки на општината. вт/ра
Фото: Општина Маврово и Ростуше