• петок, 05 декември 2025

Градоначалникот Дука прими претставници на Ромите од Дебар по повод Меѓународниот ден на Ромите

Градоначалникот Дука прими претставници на Ромите од Дебар по повод Меѓународниот ден на Ромите

Дебар, 8 април 2025 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница предводени од Илми Куртиши, претседател на Здружението „Месечина“.

-На почеток сакам Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница да ви го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како локална власт ќе продолжиме да иницираме и поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција, рече Дука.

Нагласи дека Општина Дебар, во соработка со локални и меѓународни невладини организации (како Ромактед), како и со поддршка на централната власт, реализирала значајни проекти од областа на образованието, предучилишното воспитание и инфраструктурата.

-Овие иницијативи дадоа значаен придонес за подобрување на благосостојбата на ромската заедница во нашиот град. Среќни празници на сите Роми - со желба заедно да ја градиме иднината, на темелите на еднаквоста, почитувањето и соживотот, порача од средбата градоначалникот Дука.

Куртиши од свое и од име на ромската заедница се заблагодари за упатените честитки и за почитта што ја дава градоначалникот, кој средбите по повод 8 Април ги востанови од неговото доаѓање како градоначалник.

Во строгиот центар на градот, на шеталиштето, подигнато е и се вее ромското знаме.

Во Дебар живеат над 1.200 Роми, бројка која беше два и пол пати повисока, но емигрираа главно во Луксембург, Германија и Италија. вт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан