• четврток, 14 ноември 2024

„Гоце Делчев, апостол на слободата", академски час во Градски музеј Крива Паланка 

„Гоце Делчев, апостол на слободата

Крива Паланка, 4 мај 2023 (МИА) - Со академскиот час „Гоце Делчев, апостол на слободата" денеска во Градскиот музеј Крива Паланка беше одбележана 120-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.

Говорници на настанот беа Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка и историчарот, Мартин Додевски.

Покрај за улогата на Делчев во националната историја, во македонската револуционерна борба како маркантна фигура, Величковски направи и поврзување на Гоце Делчев со локалната историја на кривопаланчката револуционерна организација и неколку дејци од Крива Паланка.

-Во неколку писма од Гоце Делчев се споменуваат Крива Паланка и кривопаланчката револуционерен округ, во времето кога Делчев учел во Солунската гимназија, таму учителствувале двајца паланечки учители: Манасиј Лучански и Александар Димитраков, а со Делчев нѐ поврзува и учеството на комитата Ѓорги Китанов-Чичето од кривопаланечко, кој учествувал во поширокиот појас на четата за обезбедување на Гоце при неговото загинување во село Баница, Серско. Со денешниот настан на кој пак колегата Додевски се осврна на претставувањето на Делчев во македонското основно образование, дадовме свој придонес кон националното одбележување на 120-годишнината од смртта на апостолот на слободата, рече Величковски.

Историчарот Мартин Додевски го презентираше научниот труд „Претставувањето на Гоце Делчев како историска фигура во македонското основно образование" со кој имаше настап на Меѓународниот научен семинар 2022, посветен на 150- годишнината од раѓањето на нашиот апостол, Делчев.

Во чест на денешниот ден, ЛУ Градски музеј Крива Паланка ќе поднесе иницијатива за почеток на постапка за подигнување спомен -обележје на македонската револуционерна борба во Крива Паланка. ид/мч/


Фото: МИА

Остани поврзан