• петок, 05 декември 2025

Гоцевски: Времето на Делчево е тука

Гоцевски: Времето на Делчево е тука

Делчево, 15 октомври 2025 (МИА) – Кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, Иван Гоцевски, на вечерашниот митинг во Делчево ја претстави својата визија и програма за развој на општината, истакнувајќи дека „времето на Делчево е тука“ и дека граѓаните заслужуваат чесно, одговорно и посветено раководење.  

На собирот присуствуваа коалиционите партнери, пратеникот Драган Ковачки и премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, а голем број граѓани ја изразија својата поддршка за кандидатот. 

-Една заедница, еден народ – обединети со многу енергија, со светла визија и решителност. Делчево мора да успее! Делчево победува на 19 октомври!“, порача Гоцевски во своето обраќање.  

Тој посочи дека Делчево заслужува иднина изградена врз реален план, знаење и капацитет на луѓето, а не врз празни ветувања. Главниот фокус на неговата програма е подобрување на животниот стандард и создавање можности за локален развој.  Иван Гоцевски најави повеќе конкретни проекти меѓу кои реконструкција на главниот цевковод и изградба на нови водоводи за селата Вирче и Бигла, развој на планината Голак во туристички центар, поддршка на младите преку стипендии, стажирања и кариерен центар, дигитализација на општината со воведување на е-седници и електронски услуги, како и изградба на нови улици, кружни текови и булевар „Индустриска“, заедно со експресниот пат Делчево – Виница – Кочани.  

Најавени се и нови зелени површини, велосипедски патеки и програма за енергетска ефикасност, со цел создавање на здравa и уредена животна средина.  „Јас не ветувам чуда. Јас ветувам работа – чесна, посветена и секојдневна, меѓу граѓаните, со граѓаните, истакна Гоцевски. 

Кандидатот ги повика делчевчани на обединување и активна поддршка на изборите на 19 октомври. вс/бк/

фото: МИА

Остани поврзан