Гостивар: За еден ден доделени 50 ваучери за бесплатна мамографија
- Гостиварската локална самоуправа започна со доделувањето на ваучери за бесплатна мамографија како дел од иницијативата на Одделението за социјална, здравствена и детска заштита и Здружението на пациенти „Езра“.
Гостивар, 24 јануари 2024 (МИА) – Гостиварската локална самоуправа започна со доделувањето на ваучери за бесплатна мамографија како дел од иницијативата на Одделението за социјална, здравствена и детска заштита и Здружението на пациенти „Езра“.
Раководителката на Одделението за социјална, здравствена и детска заштита, Имрлие Салиу информираше дека од вчера, кога започна акцијата доделени се 50 ваучери на жени кои ги исполнуваат условите за оваа здравствена услуга.
- Како што беше најавено на една од трибините за подигање на свеста за ракот на дојка, локалната самоуправа ги заврши потребните процедури и обезбеди бесплатни прегледи за 100 жени. Трошокот за прегледите кои ќе се реализираат во ординацијата „Ремедикал“ ќе го покрие општината, рече Салиу.
Таа потврди дека деновиве добиле повеќе телефонски јавувања и дека владее интерес за користење на оваа услуга.
Приоритет за добивање ваучер за бесплатен преглед имаат жените на кои претходно им е дијагностициран рак на дојка и имаат потреба од мамографија, од социјално загрозените категории и оние на кои им е потребна превентивна контрола.
На неколку настани во организација на локалната самоуправа и невладиниот сектор, минатата година беше порачано жените да го подигнат нивото на грижа за нивното своето здравје и да преземаат мерки за превенција и рано дијагностицирање на болеста. згм/дма/
Фото: МИА