• понеделник, 25 ноември 2024

Гостиварската болница доби агрегат за струја како донација на општината и бизнис секторот

Гостиварската болница доби агрегат за струја како донација на општината и бизнис секторот

Гостивар, 1 октомври 2024 (МИА) – Агрегат за производство на струја со можност од 400 киловати денеска беше предаден во сопственост на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар. Набавката на оваа постројка беше овозможена во соработка на општина Гостивар и локалната компанија „Ако градба“.

Вршителот на должност градоначалник Ваљбон Лимани на примопредавањето истакна дека при последната средба со раководството на болницата било разговарано за потребите и можноста да се помогне.

- Директорот ни кажа дека како едно од приоритетни барања им е агрегат за електрична енергија. Во комуникација со сопственикот на компанијата „Ако градба“ и двајца наши сограѓани со потекло од Дебреше, успешно ја реализиравме оваа донација. Како општина ќе настојуваме да има успешна меѓуинституционална соработка, рече Лимани.

Директорот на болницата Арѓент Муча истакна дека оваа соработка помеѓу институциите во градот е добар пример и, како што рече, отвора нови можности и да продолжи понатаму во корист на граѓаните.

- Овој агрегат ни дојде во вистинско време, бидејќи стариот беше речиси надвор од функција. Новиот има моќност која е тројно поголема и ќе овозможи постабилна електрична енергија на целиот објект. Наскоро очекуваме општината да ни овозможи уште еден, трет приод кон ургентното одделение, бидејќи досегашните во одреден дел на денот се преоптоварени со сообраќај, рече директорот Муча.

Набавката на агрегатот за болницата, чија вредност е околу 100 илјади евра, го иницирале од компанијата „Ако градба“ и заедно со двајца печалбари ги реализирале набавката и транспортот.

- Наши познаници кои водат потекло од Дебреше, ни овозможија да ја купиме опремата и за две недели ја завршивме целата работа. Задоволни сме што можевме да помогнеме и да бидеме пример на една успешна соработка, рече Јусуф Бајрактар, сопственик на компанијата.

Инсталацијата на новиот агрегат за производство на електрична енергија, кога има прекини во редовното снабдување, ќе започне деновиве. згм/мд/

фото: МИА

 

Остани поврзан