• четврток, 20 февруари 2025

Црногорско народно позориште на 17 март со „Господа Глембаеви“ гостува во МНТ

Црногорско народно позориште на 17 март со „Господа Глембаеви“ гостува во МНТ

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар (МНТ) и Црногорското народно позориште (ЦНП), македонската публика на 17 март ќе може да ја проследи претставата „Господа Глембаеви“ од  Мирослав Крлежа, во режија на Данило Маруновиќ. „Господа Глембаеви“, во продукција на ЦНП, ќе биде изведена на големата сцена во МНТ, од 20 часот.

Во претставата играат Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.

Како што информира МНТ, режисерот Маруновиќ изразил задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште.

- Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, „Господа Глембаеви“, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви“ и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него, појаснува режисерот Маруновиќ. Додава дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.

Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката. Сценограф е Валентин Светозарев, а костимограф Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.

„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември минатата година и наиде на позитивен одѕив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност по речиси десет години повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште. 

- Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана во 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби, се вели во соопштението од МНТ. 

Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1000 денари, за прва галерија 800 денари, а за втора галерија е 600 денари. мд/бак/

Фото: МНТ 

 

Остани поврзан