• сабота, 21 декември 2024

Горазд Михаилов нов тренер на првиот тим на Брера

Горазд Михаилов нов тренер на првиот тим на Брера

Струмица, 3 септември 2024 (МИА) - Горазд Михаилов (50) е назначен за шеф на стручниот штаб на прволигашот Брера Струмица, соопштија вечерва од раководството на клубот, откако пред два дена спогодбено се раздели со српскиот стратег Бојан Круљ.

Михаилов денеска го презеде тимот, а со играчите имаше состанок и го одработи првиот тренинг на Спортскиот центар „Пандев“. Тој е поранешен тренер на скопски Вардар каде во средината на август по победата над Пелистер си поднесе оставка.

Во стручниот штаб на Михаилов помошници ќе му бидат Тане Темелков и Тони Атанасов, кој од младинскиот погон се префрлува во сениорите, кондиционен тренер останува Дарко Коцев, а со голманите ќе работи Ѓорѓе Шопов.

Инаку, Горазд Михаилов е добро познат на македонската фудбалска јавност и како играч и како тренер. Досега ги има водено екипите на Силекс, Борец од Велес, Тетекс, Напредов, Пелистер и Охрид, а извесен период беше и во Приједор, во Босна и Херцеговина. рт/цр

Фото: Брера Струмица

Остани поврзан