• петок, 22 ноември 2024

Голем скок на УКЛО-Битола на ранг листата на универзитетите во Европа

Голем скок на УКЛО-Битола на ранг листата на универзитетите во Европа

Битола, 12 февруари 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) - Битола на последното рангирање на Вебометрикс,  светски призната ранг-листа на универзитети, забележа скок од 1.137 места на светско ново. 

Во изјава за МИА, ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, истакна дека со  видливото искачување за близу илјада и двете места, УКЛО е веќе во првите 20 отсто рангирани универзитети во Европа, односно на 1.114 место од вкупно 6.008 европски универзитети.

-Универзитетот „Св. Климент Охридски“ со новото рангирање е и меѓу првите 12 отсто рангирани универзитети во светот или на 3.569 место од 32.018 вкупно рангирани високо образовни и научни установи во светот.  Затоа со големо задоволство сакам да кажам дека во период помеѓу две рангирања УКЛО бележи исклучителен успех на единствените две ранг-листи кои се композитни, бесплатни и ги рангираат сите универзитети од Македонија. Имено, УКЛО се издвојува како второ рангиран според „ЕДУранк“ ранг-листата која покрај научната ја вреднува и едукативната компонента на универзитетот и трето рангиран според Вебометрикс каде се вреднува исклучиво научната компонента, со акцент на научната извонредност. Посебно радува фактот што според критериумот Impact на Webometrics што го мери влијанието во општеството преку реализирани активности и објави на Интернет УКЛО е прво рангиран во државата, истакна ректорот Неделковски.

Големиот скок во рангирањето на УКЛО за раководството  на битолскиот Универзитет  е големо постигнување и ќе внесе нови импути во развојноста, бидејќи во минатото, УКЛО на конкретните ранг листи  беше седмо, па петто рангиран македонски универзитет, посочија од УКЛО-Битола. мт/сст/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан