• понеделник, 23 декември 2024

Голем интерес за бесплатни гинеколошки прегледи во мобилната амбуланта во општина Зрновци

Голем интерес за бесплатни гинеколошки прегледи во мобилната амбуланта во општина Зрновци

Кочани, 6 ноември 2024 (МИА) – Над 200 пациентки од општина Зрновци се пријавиле за бесплатен ПАП тест и абдоминален ехо преглед во рамки на проектот за превенција и рана дијагноза на рак на грлото на матката кај жени во руралните средини.

Носител на активноста е Министерството за здравство во соработка со Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари – МАГО, Македонското лекарско друштво, Општина Зрновци и општинската организација на Црвен крст – Кочани, а со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

Во мобилната гинеколошка амбуланта, сместена во простории на Локалната самоуправа на Зрновци, прегледите ги спроведуваат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

- Задоволни сме од интересот што го покажаa жените од нашата општина за овие прегледи, што e потврда дека сме направиле добар потег со присуството на мобилната гинеколошка амбуланта. Имајќи предвид дека здравствената заштита е една од улогите на локалните власти, на првата редовна седница на Советот за развој на Источниот плански регион ќе предложам иницијатива до Министерството за здравство ваквите акции да продолжат со лекарски прегледи и од другите области во медицината, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Ангажирањето на мобилната гинеколошка амбуланта овозможува поголем број жени од ранливите групи, од руралните и оддалечените места да направат бесплатни прегледи и со тоа да се подигне свеста за важноста од редовни скрининзи. Прегледите во општина Зрновци ќе траат до крајот на идната недела. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан