• среда, 04 декември 2024

„Голдберг варијации“ во изведба на пијанистот Дино Имери

„Голдберг варијации“ во изведба на пијанистот Дино Имери

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Пијанистот Дино Имери вечер во Културно-информативниот центар во Скопје ќе одржи настап на кој ќе го изведе најпознатото дело на музичкиот гениј Јохан Себастијан Бах - „Голдберг варијации“.

Концертот насловен „Кодот на Бах“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, а покрај овој централен настан, маестро Имери во соработка со Германската амбасада во Скопје ќе реализира таканаречена „Недела на Бах“ со стручни предавања и работилници за деца.

„Голдберг варијациите“ се составени од 30 варијации и една орнаментирана Арија, чија бас-делница и хармонска прогресија е придвижувач на варијациите. Снимката на „Голдберг варијациите“ од 1955 година во изведба на Глен Гулд, го променила начинот на размислување за тоа како се доживувало ова дело. Јохан Себастијан Бах создал магија од музика. Целото негово творештво е неповторливо и уникатно, но „Голдберг варијациите“ се центарот на неговиот свет. Тие се сон за секој пијанист. Со право се смета за едно од најгенијалните и најкомплексните дела на Бах, во кое се покажува неговиот талент за хармонија, контрапункт и виртуозност.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ - Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Виртуози“ за млад музички уметник, „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, „Златна Бубамара на популарноста“ и други признанија.бт/лв/

Фото: плакат

Остани поврзан