• петок, 12 јули 2024

Годишни извештаи за 2023 на неколку институции пред собраниската Комисија за политички систем

Годишни извештаи за 2023 на неколку институции пред собраниската Комисија за политички систем

Скопје,11 јули 2024 (МИА) - Во Собранието денеска ќе продолжи седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. На дневен ред на продолжението на седницата се неколку годишни извештаи.

Пратениците ќе го разгледуваат годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи, Годишен извештај за работата на Агенцијата за администрација, Годишен извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Годишен нзвештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите за 2023 година.

Седницата почна во средата со разгледување на годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се расправаше за Годишниот Извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година истакна дека недостигот на буџетски средства, опрема и недоволната екипираност влијаат на функционирањето на Комисијата.

Таа исто така информираше дека Комисијата оформила предмети по добиена претставка за назначувањето на заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и по поднесена претставка од министерот за внатрешни работи во однос на преземените дејствија од страна од претходниот заменик министер, и оти во тек е анализата на документацијата за овие случаи.ев/хс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан