• недела, 22 декември 2024

„Гласен Текстилец“ : За првпат на Балканот 32 текстилни работнички добија обештетување од два странски брендови

„Гласен Текстилец“ : За првпат на Балканот 32 текстилни работнички добија обештетување од два странски брендови

Штип, 5 јуни 2023 (МИА) - Триесет и две текстилни работнички добија обештетување во вкупен износ од 42.000 евра од два странски брендови, бидејќи беа избркани од конфекцијата во којашто работеа, не добија отпремнини, К-15, а една бремена жена не го оствари своето право на платено породилно отсуство, истакна на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Забележа дека ова е прв ваков случај во земјата, но и на Балканот.

- На наше огромно задоволство, денес имаме чест да ја известиме јавноста за огромна победа која е узвојувана во корист на работнички од текстилна фирма од Штип. Имено, успеавме после две години судски постапки и преговори, да објавиме дека странски модни брендови исплатија надомест (парична надокнада) на текстилни работнички од Штип во отсуство на исплата на побарувањата на работниците од страна на македонскиот „газда“ во која фирма овие брендови ги шиеја своите парчиња облека, вели Ампева.

Посочи дека заедно со колеги и колешки од „Clean Clothes Campaign“ по две години преговори, успеале на 32 работнички да им бидат исплатени побарувања од износ од скоро 42.000 евра кои се однесуваат на К-15, три плати, испратнини поради откази од деловни причини, како и штета направена на бремена работничка која изгуби право на платено породилно отсуство.

- Ова е нешто што се случува за прв пат во Македонија, па и на Балканот, каде претежно се наоѓаат фирмите кои шијат за странските модни брендови. Ова укажува дека европските брендови се општествено одговорни за разлика од компаниите кои работат во нивниот синџир на производство но ваквите случаи можат да предизвикаат прекин на соработката со неодговорните работодавачи од државите производители. Ова е доказ дека македонските работодавачи кои работат за странски компании не се недопирливи и при вакви случаи можат да се соочат со одредени штетни последици, рече Ампева.

Таа додаде дека  продолжуваат со ваквите пракси на интернационално застапување во корист на работниците кај странските брендови се со цел почитување на човековите и работничките права на македонските текстилни работници.

- Благодарност до колегите и колешките од „Clean Clothes Campaign“ за целата поддршка и преговори во кои беа директно вклучени со странските брендови. Благодарност до нашите адвокати Донче Стаменков и Антонио Саздов за сите судски постапки и изготвени документи и договори со кои сега „Гласен Текстилец“ ги префрла сумите на оштетените работници. Благодарност до колешките и колегата од „Гласен Текстилец“ за да сега имаме прв ваков позитивен случај со кој ја оправдуваме нашата работа како водечка организација во Македонија која ги застапува интересите на работниците во државава, на локално, регионално, национално, а сега и интернационално ниво, вели Ампева.

Таа упати и благодарност  до медиумите кои го следеа случајот уште од првите протести на работниците и ја информираа јавноста. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан