• четврток, 26 март 2026

Главната бина на „Тумороуленд“ сериозно оштетена два дена пред фестивалот

Главната бина на „Тумороуленд“ сериозно оштетена два дена пред фестивалот

Брисел, 17 јули 2025 (МИА) – Главната бина на светски познатиот белгиски фестивал за електронска музика „Тумороуленд“ (Tomorrowland) вчера била зафатена од пожар, само два дена пред почетокот на настанот.

За среќа, засега нема повредени, изјави портпаролката на противпожарната служба. Новинската агенција „Белга“ јави дека службите за итни случаи се распоредени на местото на настанот и оти се фокусираат на обезбедување на сигурноста на работниците на фестивалот, пренесе ДПА.

Организаторите на Тумороуленд во изјава ппотврдија дека бината е „сериозно оштетена“ од пожарот. Сепак, портпаролка на Тумороуленд на прес-конференција изјави дека фестивалот, кој треба да се одржи за време на викендите од 18-20 јули и 25-27 јули, ќе продолжи според планот, и покрај оштетувањето на главната бина.

- Фокусирани сме на изнаоѓање решенија за фестивалскиот викенд, се вели во соопштението.

Фестивалот денеска соопшти дека утрово е отворен и кампот Дримвил, а според планираното, ќе се одржат и сите активности на Глобал Џрни (Global Journey) во Брисел и Антверпен.

- Невозможно е да се опишат со зборови нашите моментални чувства. Главната бина Орбиз на Tomorrowland Belgium 2025, креација родена од чиста страст, имагинација и посветеност, повеќе не постои. Ова не беше само бина. Тоа беше жив свет што дишеше. Од првата скица на празен лист, до безброј часови на концептуален дизајн, уметничка соработка, инженерство, изработка, градба – секој дел од Orbyz носеше дел од нашата душа. Но, ние се држиме до магијата што ни ја даде Orbyz. До соништата што ги носеше. До тимот што даде сè од себе. Ноќта ја поминавме работејќи на можни решенија за просторот на главната бина. Ниту еден друг дел од фестивалската локација, бини или области не беа погодени, соопшти фестивалот.

Тумороуленд се одржува во белгискиот град Бум, јужно од Антверпен, од 2005 година, и привлекува огромен број посетители секоја година.

На овогодишното издание на фестивалот ќе настапат повеќе од 600 изведувачи на 16 бини, меѓу кои Мартин Гарикс, Дејвид Гета, Армин ван Бјурен, Шарлот де Вит и Свидиш Хаус Мафиа. јт/

Фото: Тумороуленд на Фејсбук

Остани поврзан