• понеделник, 23 декември 2024

Гимназијалецот и олимпиец со сребрен медал Петар Мирчески утре со тимот на Прилеп кај претседателката Сиљановска Давкова

Гимназијалецот и олимпиец со сребрен медал Петар Мирчески утре со тимот на Прилеп кај претседателката Сиљановска Давкова

Прилеп, 7 август 2024 (МИА) - Прилепскиот гимназијалец Петар Мирчески на земјава ѝ го донесе сребрениот медал од Олимпијадата по хемија што од 21 до 30 јули се одржа во Ријад, Саудиска Арабија. Целиот македонски тим на оваа Олимпијада покажа завидни резултати: Марио Ванчоски и Иван Костевски од Гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и Елена Живаљевиќ од „Јахја Кемал“ од Скопје. Мирчески со тимот утре го очекува приемот кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Мирчески сребрениот медал го освои во конкуренцијата на 330 натпреварувачи од 84 земји. Сѐ уште ги сумира незаборавните впечатоци и возбудувања.

-Поминавме незаборавни денови со нашите врсници од цел свет. Натпреварите, секако беа тешки, имавме теоретски и практичен дел, изведувавме експерименти, но возбудата беше најголема кога ги исчекувавме  резултатите. Кога нѐ известија, посебно ми беше мило и навистина, чувствата, возбудата, не може лесно да се опишат. Гордоста е голема зашто ова е првото сребро за Македонија на олимпијадите по хемија. Поставуваме нови рекорди за наредните години, за идните олимпијци, вели Мирчески.

На Мирчевски ова не му е прв медал. На претходната олимпијада по хемија лани во Цирих, Швајцарија освои бронзен медал.

-Прво бронзен, па сребрен, секако сега желбата е догодина да го донесеме златниот медал. Оваа е голем поттик, рече Мирчески кој од есен ќе биде матурант во прилепската гимназија.

Гимназијата „Мирче Ацев“ е посебно горда на успесите. Овој и наредниот месец ќе се одржат уште две олимпијади на кои имаат свои претставници.

-Големи честитки до Петар и целиот тим, секако и до професорите со кои работеше. Ова е вистинскиот поттик за нашите уште двајца олимпијци. Овој месец во Александрија, Египет ќе се одржи Олимпијадата по информатика на која имаме врвен натпореварувач, Благој Рујаноски Стојаноски, а во септември во Пекинг, Кина на Олимпијадата по географија ќе се натпреварува Ивана Атанасоска, изјави Весна Михаиловска, директорка на гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.

Михаиловска упатува посебна благодарност до прилепската локална самоуправа, но и до нивен поранешен ученик кој сакал да остане анонимен. Тие финансиски помогнале да се покријат трошоците за Мирчески да учествува на Олимпијадата во Саудиска Арабија од каде го донесе сребрениот медал за земјава. ем/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан