• четврток, 21 ноември 2024

Германските „Зелени“ бараат од ЕК да ги запре граничните проверки

Германските „Зелени“ бараат од ЕК да ги запре граничните проверки

Берлин, 12 август 2024 (МИА) - Политичари од германската партија „Зелени“ во отворено писмо до Европската комисија го изразија своето незадоволство од граничните проверки, наметнати од министерката за внатрешни работи Нанси Фезер, пренесе ДПА. Ова е уште една разлика во ставовите меѓу партиите од владејачката тројна коалиција во Берлин, забележува агенцијата.

Во писмото, кое денеска беше објавено и адресирано до ЕК и нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, се изразува загриженост во врска со проверките на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија. Членови на „Зелените“ тврдат дека Германија, заедно со уште седум земји членки на ЕУ, не постапува во согласност со правилата за регулирање на движењето во Шенгенската зона за безвизно патување.

За да се справи со растечкиот број на нелегални мигранти, Фезер во октомври минатата година воведе постојани проверки на копнените граници со Чешка, Полска и Швајцарија и ја информираше Европската комисија во Брисел за својата одлука.

Проверки на границата со Австрија се извршуваат од 2015 година и се обновуваат неколку пати со цел да се ограничи нелегалната миграција и да се спречи криумчарењето. Проверки на границите со Швајцарија, Чешка и Полска ќе има до 15 декември, а на граничните пунктови со Австрија до 11 ноември.

За време на Олимписките игри во Париз беа воведени проверки и на границата со Франција, а за време на Европското првенство во фудбал во Германија, проверки се извршуваа на сите гранични пунктови во земјата.

Фезер, која е член на Германската социјалдемократска партија, ги опиша проверките како успешни.

Авторите на писмото, меѓутоа, тврдат дека според неодамнешна анализа, ефикасноста на мерките на Министерството за внатрешни работи е „многу спорна и во многу случаи не е статистички докажана“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан