• четврток, 21 ноември 2024

Германската АфД го задржа второто место во рејтинзите на една недела пред европските избори

Германската АфД го задржа второто место во рејтинзите на една недела пред европските избори

Берлин, 2 јуни 2024 (МИА) - Екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) го задржува второто место во популарноста меѓу гласачите и покрај серијата скандали што неодамна се случија околу неколку нивни видни членови, покажуваат анкетите на една недела пред милиони Европејци да го изберат новиот состав на Европскиот парламент (ЕП), јави ДПА.

Доколку европските избори се одржат денеска, партијата би освоила 16 отсто од гласовите, пред Германската социјалдемократска партија (СДП) на канцеларот Олаф Шолц, која има поддршка од 14 отсто, покажува истражувањето на јавното мнение спроведено од институтот ИНСА за неделното издание на таблоидот „Билд“.

AфД има за еден отсто помала поддршка од граѓаните во споредба со 17 отсто измерени во слично истражување на ИНСА од пред една недела.

Германскиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ води со 29 отсто, додека коалициските партнери на СДП, Зелените и либералната Слободна демократска партија имаат 13, односно четири отсто.

Последниве недели АфД го тресат повеќе скандали. Нејзиниот водечки кандидат на европските избори, Максимилијан Кра, доби забрана од неговата партија да дава јавни изјави откако рече дека не сите членови на паравоените сили на нацистичката СС биле криминалци.

Питер Бистрон, втор на листата на АфД за Европскиот парламент, се повлече од трката откако полицијата го претресе неговиот стан во Берлин. Бистрон е под истрага за перење пари и корупција и има врски со проруски мрежи, забележува ДПА.

Во април, пак, германската полиција го уапси поранешниот помошник на Кра, Џианг Гуо, под сомнение за шпионажа. Кра го отпушти по обвинувањата дека парламентарниот помошник водел разузнавачки активности за Кина.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан