Германската амбасадорка ја пофали Општина Центар за движење по зелената агенда
- Амбасадорката ги пофали напорите на општината, што се движат по зелената агенда на која се фокусира и германската Влада. Таа понуди и соработка за реализација на проекти за одржлива енергија. Германската амбасада ги поздрави проектите на Општина Центар за социјална заштита на најранливите категории граѓани, се наведува во соопштението.

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Размена на искуства и силна поддршка доби градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски од германската амбасадорка Петра Дрекслер, за проектот за енергетска независност и самоодржливост на Општината, информираа од локалната самоуправа.
На средбата со амбасадорката, Герасимовски го презентирал проектот на „Енергија Центар“, поставувањето фотоволтаици во градинката „Раде Јовчевски - Корчагин“, во објектот „Пепелашка“. Тој информирал и за плановите да се постават фотоволтаични системи и на покривните конструкции во три основни училишта.
- Амбасадорката ги пофали напорите на општината, што се движат по зелената агенда на која се фокусира и германската Влада. Таа понуди и соработка за реализација на проекти за одржлива енергија. Германската амбасада ги поздрави проектите на Општина Центар за социјална заштита на најранливите категории граѓани, се наведува во соопштението.
Општина Центар е прва општина што формираше сопствено јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија, потсетуваат во соопштението.
Герасимовски истакнал дека со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали.
- Заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе бидат искористени за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти што ќе им бидат од корист на граѓаните. Станува збор за долгорочна инвестиција, не само за нас туку и за идните генерации, смета градоначалникот. бд/са/
Фото: Општина Центар