• петок, 22 ноември 2024

Герет Бејл стави крај на кариерата 

Герет Бејл стави крај на кариерата 

Лос Анџелес, 9 јануари 2023 (МИА) – Велшанецот Герет Бејл (34) ја изненади денеска фудбалската јавност објавувајќи крај на кариерата која ја почна пред 17 години во Саутемптон, а ја заврши во Лос Анџелес галакси. 

„По внимателно размислување, објавувам моментално повлекување од клупскиот и репрезентативниот фудбал“, напиша Бејл на Твитер. 

Зад велшкиот фудбалер е импресивна кариера во која освои пет трофеи во Лигата на шампиони и три шпански титули. 

Кариерата ја почна во Саутемптон, а стана познато име во светот на фудбалот настапувајќи за Тотенхем. Од лондонскиот клуб потоа мина во редовите на мадридски Реал за тогаш рекордни 100 милиони евра. Во првите сезони во Реал играше одличен фудбал, но подоцна стана финансиски проблем за Кралскиот клуб, кој го врати како позајмен фудбалер во Тотенхем, а по истекот на договорот Бејл го облече дресот на американски ЛА галакси. 

Настапи со Велс на последното Светско првенство во Катар, а неговиот последен официјален натпревар во групната фаза против Англија е воедно и рекорден 111. репрезентативен настап во велшката историја. 

„Фудбалот ми пружи некои од најубавите моменти во животот, во текот на 17-те сезони и тоа ќе биде невозможно да се повтори“, порача Бејл. ег/јт/ 

Остани поврзан