Герасимовски: Го враќаме Работнички на победнички патеки со нов тренер и енергија
- Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на денешната средба со директорот на Работнички Горан Веселиновски и новиот тренер Владимир Мирковски.
Скопје, 2 јули 2025 (МИА) – Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на денешната средба со директорот на Работнички Горан Веселиновски и новиот тренер Владимир Мирковски.
Како што е наведено во соопштението на Општина Центар, на состанокот било разговарано за плановите во новата сезона, тековните подготовки и втората фаза од реконструкцијата на салата во Градски парк.
– Герасимовски ја истакна својата поддршка за новиот тренер, Владимир Мирковски, кој зад себе има повеќе од 20 години искуство, докажан пристап во работа со млади играчи и способност да гради тим со силна хемија. Мирковски е етаблирано име во регионот, со тренерска кариера во клубови како Војводина (Србија), Вардар, МЗТ Скопје, Академија ФМП и Куманово, а двапати е прогласен за најдобар тренер од Кошаркарската федерација на Македонија, стои во соопштението.
Во стручниот тим, додаваат оттаму, се приклучува и Сашо Тодоровски како помошен тренер, за кој, велат, има меѓународно искуство како стручен соработник во елитниот ЦСКА Москва.
– Во новиот состав, репрезентативците ќе останат, а приоритет ќе им се даде на младите македонски кошаркари, кои ќе добијат вистинска шанса да ја изградат својата кариера и да го носат идентитетот на Работнички. Герасимовски информираше дека реконструкцијата на салата е во полн ек, а веќе следната сезона клубот ќе ја игра во својот нов дом. Салата се уредува според ФИБА стандарди, со нови трибини и седишта, модернизирани соблекувални, туш-кабини, климатизација и осветлување, се наведува во соопштението. ра/са/
Фото: Општина Центар