• четврток, 04 декември 2025

Герасимовски во Дебар Маало: Безбедни пешачки зони, хигиена и култура за подобар живот

Герасимовски во Дебар Маало: Безбедни пешачки зони, хигиена и култура за подобар живот

Скопје, 12 јуни 2025

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа се сретна со жителите на Дебар Маало во рамки на караванот „Се гледаме во маало“. Средбата се одржа на спомен-клупата на Горан Стефановски, каде што дебармаалци имаа можност директно да разговараат со градоначалникот, да дадат предлози и да се информираат за тековните и планирани општински активности.

„Дебар Маало е боемската душа на Центар. Ни е важно да го зачуваме тој идентитет, но и да создадеме услови за нормален и квалитетен живот“, рече Герасимовски, најавувајќи засилена комунална и градежна инспекција со цел да се подобри редот и мирот во населбата.

Во таа насока, тој информираше и за планот за воведување нов сообраќаен режим во зоните „Дебар Маало 1 и 2“ и „Парк“, со ограничено движење на моторни возила и создавање безбедни пешачки зони. Во тек е реконструкција на улицата „Дебарца“, а веќе се реконструирани улиците „Алберт Ајнштајн“, „Андон Дуков“ и „Донбас“, кои со години беа во лоша состојба.

Во делот на образованието, граѓаните го поздравија проширувањето на капацитетите на ООУ „Коле Неделковски“, со што по шест децении се овозможи едносменска настава за учениците.

Средбата опфати и прашања од областа на културата и јавниот простор. Герасимовски најави нов мурал на улицата „Орце Николов“, посветен на „Бушавата азбука“, покрај веќе постојните на Стефановски и Џамбазов кои ги красат дебармаалските фасади. Дополнително, беше отворено и прашањето за изградба на нова современа општинска зграда на местото на постојните бараки – со сала за Совет, простор за здруженија, подземен паркинг и задржано зеленило.

Во однос на хигиената, поради пропустите на ЈП „Комунална хигиена“, општината самостојно ја спроведува акцијата „Центар не чека – Центар чисти“, со засилени теренски екипи и насоки до угостителите за правилно складирање на отпадот.

Општина Центар

_______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото Општина Центар 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан