• петок, 05 декември 2025

Герапетритис: Целта на грчката Влада останува реализацијата на електричното поврзување со Кипар

Герапетритис: Целта на грчката Влада останува реализацијата на електричното поврзување со Кипар

Атина, 5 септември 2025 (МИА) – Грчката Влада повеќепати ја имаат изразено својата поддршка за овој проект што е исклучително значаен. Се подразбира дека и кипарската страна треба да го поддржи без никакво двоумење, затоа што пред сè се однесува на Кипар. Проектот е од корист за Кипар, бидејќи ја отстранува неговата енергетска изолираност. Затоа е многу важно оваа поддршка да се изрази јасно, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во однос на електричното поврзување Грција – Кипар – Израел, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи на форум во Солун, шефот на грчката дипломатија се осврна на електричното поврзување кое се актуализираше во изминатиот период откако кипарскиот министер за финансии рече дека според одредени студии „проектот не е одржлив“, а кипарскиот претседател откри дека за проектот ќе спроведе истрага Европското обвинителство.

- Прашањето за Европското обвинителство, кое го истакна кипарската страна е нешто што не го знаевме. Беше појаснето дека тоа не се однесува на тековното управување со проектот, туку на управувањето пред да го преземе операторот за реализација, односно Независниот оператор за пренос на електрична енергија (АДМИЕ). Значи, не станува збор за тековно прашање. Студиите што беа споменати секако дека се предуслов и имаат важна вредност. Она што сега е важно, според мене, е да имаме многу јасен став во врска со иднината на проектот. Постојат одлуки на регулаторните органи на двете држави кои ги распределуваат финансиските трошоци. Се подразбира дека треба да постои праведна распределба на тие трошоци, така што и грчката држава и грчките потрошувачи, да го сносат делот што им припаѓа. Затоа, јасно е дека обврските треба да се исполнат, објасни Герапетритис.

Додаде дека е добро да се разјаснат некои прашања поврзани со оваа тема и нагласи дека „целта на грчката Влада останува реализацијата на проектот“ и оцени дека ќе постои соодветна координација во таа насока.

Паралелно објасни дека конкретниот проект е европски и во него учествуваат и други земји од Европската Унија, не само Грција и Кипар, туку и Франција и Италија се вклучени во реализацијата. ср/

Остани поврзан