• недела, 22 декември 2024

Герапетритис преку писмо ги потсетува грчките Министерства за промената на документите за меѓународна употреба на Северна Македонија (ДПЛ)

Герапетритис преку писмо ги потсетува грчките Министерства за промената на документите за меѓународна употреба на Северна Македонија (ДПЛ)

Атина, 10 февруари 2024 (МИА) – Преку циркуларно писмо испратено до сите грчки Министерства, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, „потсетува дека на 12 февруари 2024 година истекува петгодишниот „технички“ преоден период предвиден во член 1, став 10 од Договорот од Преспа“ во однос на и документите за меѓународна употреба на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчки извори за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека циркуларот е испратен до сите грчки Министерства и објаснуваат дека станува збор за информативен, внатрешен допис што има за цел да ги потсети дека важноста на документите со старото име е до 12 февруари.

-Од 13 февруари 2024, сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи, документи за патнички и товарен транспорт, регистарски таблички, потврди итн., ќе треба да ја имаат само терминологијата од член 1 (3) од Договорот од Преспа. Во спротивно, нема да бидат прифатени од грчките власти, пишува во циркуларното писмо што го објави порталот „ТВ Без граници“.

Шефот на грчката дипломатија посочува дека регистарските таблички на возилата треба да ја имаат ознаката „NMK“ или „NM“.

До сите 19 Министерства апелира да ги преземат сите потребни дејствија за да ги информираат Секретаријатите, Директоратите и службите, како и управите, организациите и сл. под нивна надлежност.

Паралелно писмото содржи и информации на три јазици, грчки, англиски и француски, за уставното име во целина (Република Северна Македонија), за краткото име (Северна Македонија), државјанството (македонско/граѓанин на Република Северна Македонија) и кодовите на земјата („NMK“ или „NM“ за регистарските таблици на возилата и „MK“ и „MKD“ за друга употреба). ср/нд/

Остани поврзан