Герапетритис: Грција води активна политика на Блискиот Исток
- На Блискиот Исток, Грција води многу активна политика, за да се ограничи хуманитарната криза и да нема проширување на непријателства на други полиња, порача од Брисел министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 18 март 2024 (МИА) – На Блискиот Исток, Грција води многу активна политика, за да се ограничи хуманитарната криза и да нема проширување на непријателства на други полиња, порача од Брисел министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија посочи дека Грција активно учествува „со водечка улога во мисијата во Црвеното Море“, учествува и во сите хуманитарни коридори, но и во иницијативата на Кипар за поморскиот коридор за пренос на хуманитарна помош директно во Газа.
- Ќе дадеме целосна поддршка за поморскиот коридор. Претставува неопходен чекор, но треба дополнително да ги развиваме и другите коридори бидејќи хуманитарната состојба енормно се влошува. Затоа треба да гарантираме дека сите можни опции се отворени за да се овозможи непречен проток на хуманитарна помош. Грција ќе направи сè што е во нејзина моќ да ги стави во функција овие хуманитарни коридори, истакна Герапетритис.
Во однос на санкциите за Русија, Герапетритис објасни дека „генерално, се покажа дека санкциите не се секогаш она средства што може да биде ефикасно“.
- Добро знаете дека на Русија и се воведени низа пакет санкции. И покрај тоа и денес, ситуацијата во Украина останува исклучително сложена. Украина се бори. Ќе го поддржиме нејзиниот интегритет со сите средства. Грција останува цврсто да ги поддржува меѓународното право и хуманитарните принципи, посочи шефот на грчката дипломатија.ср/сд/