• сабота, 23 ноември 2024

Георгиески презентираше концепт „Охрид 365 дена дестинација, 365 дена можности за сите“

Георгиески презентираше концепт „Охрид 365 дена дестинација, 365 дена можности за сите“
Охрид, 7 октомври 2021 (МИА) – Константин Георгиески, актуелниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат од редовите на СДСМ, гледа голем потенцијал во развојниот концепт за Охрид како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата календарска година. -За нас охриѓани поттик на економската активност од најмалите до најголемите бизниси, за гостите задоволство од содржините што им стојат на располагање 365 дена во годината. Создавањето вакви можности несомнено ќе донесе развој, поттикнување на постојната и креирање нова понуда, развој на услуги и сервиси, развој на нови уникатни производи. Оваа динамична приказна, отвора шанса, младата генерација да размислува што да создаде, наместо каде да отиде, рече Георгиески на денешната прес-конференција. Тој посочи дека сериозно се работи на дигитализација на понудата и информациите за Охрид, со што на гостите им се овозможува брзо и едноставно да стигнат до информацијата, производот и услугата што им е потребна, преку креирање интернет-портал и апликација „Цел Охрид на клик“. На односната платформа предвидено е да бидат излистани сите информации за градот и туристичката понуда, хотели, апартмани, ресторани и кафулиња, малопродажба, авто и воден превоз, туристички водичи, настани, случувања и други важни информации. Преку порталот со препознатлив изглед, се создава едноставен канал за користење на услуги, но и нивна промоција, со што значително се придонесува за навремена информираност и квалитетна услуга за туристите. -Нашата предизборна програма е подготвена врз основа на темелни анализи и реални потреби. Нудиме најдобри проекти и политики за подобар напредок на Охрид. Покажавме дека имаме капацитет за реализирање на големи и важни проекти, додаде тој. аб/ки/

Остани поврзан