Генерал Гринкевич ја презеде должноста врховен командант на силите на НАТО во Европа
- Свечената церемонија на примопредавање на должноста, на која присуствуваше и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се одржа во Врховниот штаб на сојузничките сили за Европа во белгискиот град Монс.
Брисел, 4 јули 2025 (МИА) – Американскиот воздухопловен генерал Алексус Гринкевич денеска официјално ја презеде должноста врховен командант на силите на НАТО во Европа од неговиот претходник и сонародник, армискиот генерал Крис Каволи.
Свечената церемонија на примопредавање на должноста, на која присуствуваше и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се одржа во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа во белгискиот град Монс.
Во обраќањето на настанот, Руте му посака добредојде на генералот Гринкевич на новата должност, истакнувајќи дека како поранешен пилот на борбен авион тој има длабоко разбирање на заканите со кои се соочува НАТО „од небото и низ други сфери“.
Руте додаде и дека очекува Гринкевич на новата позиција да го користи своето богато искуство во спроведување на воените и безбедносните приоритети во услови на глобални предизвици.

- Знам дека НАТО може да смета на вас и дека ќе му служите со истата цврста решителност, како и вашите претходници, истакна Руте.
Генералниот секретар на НАТО воедно му се заблагодари на генералот Каволи за неговите напори за модернизација на колективната одбрана на Алијансата и за неговите заложби како одговор на руската инвазија врз Украина.
Според Руте, Каволи одиграл значајна улога во зајакнувањето на присуството на НАТО во Балтичкото Море, за одвраќање и одбрана од заканите насочени кон критичната подводна инфраструктура на сојузниците, како и за воспоставувањето на новата Команда на Алијансата за поддршката за Украина со седиште во Германија.
- Вие бевте извонреден врховен командант на сојузничките сили во Европа, водејќи ги со чест и интегритет, додаде Руте.
Гринкевич е 21-от врховен командант на сојузничките сили во Европа. Прв вршител на оваа должност беше американскиот генерал Двајт Ајзенхауер, кој подоцна стана и претседател на САД. сп/
Фото: НАТО