• петок, 22 ноември 2024

Генералното собрание на ОН му дозволи на Зеленски да им се обрати на светските лидери виртуелно

Генералното собрание на ОН му дозволи на Зеленски да им се обрати на светските лидери виртуелно
Њујорк, 16 септември 2022 (МИА) - Генералното собрание на ОН денеска гласаше да му дозволи на украинскиот претседател Володимир Зеленски да им се обрати на светските лидери виртуелно, во однапред снимен говор, следната недела, поради потребата да биде во земјата која е под руска инвазија. Со тоа е направен исклучок од важечката обврска на Генералното собрание дека сите лидери мора да зборуваат лично. Телото од 193 членови го одобри виртуелното обраќање на Зеленски со 101 глас за, седум против и 19 воздржани, меѓу кои беше и Кина. Седумте земји кои беа против се Белорусија, Куба, Еритреја, Никарагва, Северна Кореја, Русија и Сирија. Во одобрениот документ се изразува загриженост што лидерите на „мирољубивите“ суверени земји-членки на ОН не можат лично да учествуваат „од причини надвор од нивна контрола поради тековната странска инвазија, агресија, воени непријателства кои не дозволуваат безбедно заминување и враќање во нивните земји или потребата од извршување на нивните национални одбранбени и безбедносни должности и функции“. Документот предложен од Украина и кој имаше повеќе од 50 коспонзори му дозволува на Зеленски да поднесе претходно снимена изјава што ќе се пушти во Генералното собрание. Во него се наведува дека нема да претставува преседан за идни состаноци на високо ниво на Генералното собрание. Поради пандемијата на Ковид-19, годишниот собир на светските лидери во Генералното собрание беше целосно виртуелен во 2020 година и хибриден во 2021 година. Оваа година Генералното собрание одлучи сите обраќања да бидат лични. паг/  

Остани поврзан