• понеделник, 27 јануари 2025

Гвардиола неутешен по заминувањето на Вокер: Најподготвениот играч одлучи да го напушти клубот

Гвардиола неутешен по заминувањето на Вокер: Најподготвениот играч одлучи да го напушти клубот

Манчестер, 25 јануари 2025 (МИА) - По долги седум години Кајл Вокер (34) и официјално го напушти Манчестер Сити, а заминувањето на искусниот Англичанец тешко го погоди тренерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола.

Англискиот шампион оваа сезона се соочува со големи проблеми. И покрај сите очекувања тие се само на петтото место во домашното првенство, додека во Лигата на шампионите веќе ги чека елиминација по првата фаза.

Голем проблем за Сити сега е фактот што искусниот десен бек одлучи да го напушти „Етихад“ и да премине во Милан, нешто со што Гвардиола не се помирил лесно, судејќи по снимката од неодамнешната конференција.

-Кајл Вокер одлучи да си замине... Најсилниот, најподготвениот, најбрзиот дефанзивец што го имаме реши да го напушти клубот, изјави Гвардиола на прес-конференција.

Гвардиола му се заблагодари на Вокер за се што направи за клубот.

-Тоа му го кажав лично, му го кажав пред тимот. Му посакувам само успех, како за него така и за неговото семејство, подвлече Гвардиола.

Англискиот репрезентативец дојде во Сити во 2017 година од Тотенхем за сума од 50 милиони евра. За тоа време освои 17 трофеи, од кои шест титули во Премиер лигата, додека со „граѓаните“ успеа да ја освои и Лигата на шампионите.

Вокер дебитираше за репрезентацијата на Англија во ноември 2011 година и има одиграно 93 натпревари. Во својата кариера настапуваше за Шефилд Јунајтед, Нортемптон, Квинс Парк Ренџерс, Астон Вила и Тотенхем. дс

Фото: Архива

Остани поврзан