Гаши - Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
- Хрватска останува силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, беше посочено на денешната средба на претседателот на Собраниетo, Африм Гаши, со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Хрватска останува силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, беше посочено на денешната средба на претседателот на Собраниетo, Африм Гаши, со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата.

Посакувајќи му срдечно добредојде во законодавниот дом на високиот претставник на пријателска и блиска држава, Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ги споделува својата драгоцена експертиза и искуството од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на алијансата.
Соговорниците се согласија дека политиката на проширување на Европската Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.

Гаши и Грлиќ Радман нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата штостудираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Претседателот на македонското Собрание изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската Унија.
На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска. дма/вј/
Фото: Собрание