• четврток, 26 март 2026

Гаши - Трусвел: Парламентарната соработка – мост на поврзување со Австралија

Гаши - Трусвел: Парламентарната соработка – мост на поврзување со Австралија

Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши остварил средба со Петер Трусвел, новоименуван нерезидентен амбасадор на Австралија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград.

-Претседателот Гаши посакувајќи му топло добредојде на aмбасадорот Трусвел во Република Северна Македонија и честитајќи му за назначувањето за aмбасадор, истакна дека и денешната средба е показател на добрите односи меѓу двете држави. Toj упати благодарност за континуираната и силна поддршка за членството во НАТО, како и поддршката што Австралија ѝ ја дава на европската перспектива на нашата земја, иако не е членка на НАТО и ЕУ, информира собраниската прес-служба. 

Претседателот на Собранието Гаши подвлекол дека билатералната парламентарна соработка е значајна за зајакнување и продлабочување на односите меѓу двете земји, „потсетувајќи на динамиката на средби меѓу Групите за соработка“.

-Со оглед на бројноста на дијаспората во Австралија која живее, работи и придонесува за социоекономскиот живот во Австралија, таа е клучниот мост за натамошно продлабочување на соработката и основа за истражување на сфери за нејзино проширување, вклучително и трговија, ИКТ, туризам, култура, се наведува во соопштението. 

Амбасадорот Трусвел се осврнал на пријателските односи и на успешната соработка која двете држави континуирано ја градат и која во иднина треба да биде продлабочена во многу полиња од заеднички интерес.

-Тој ја истакна важноста на натамошно продлабочување на билатералните односи кои претставуваат значаен столб во меѓусебното разбирање. Трусвел ја повтори цврстата поддршка на Австралија за евроинтеграцискиот пат на Република Северна Македонија. Амбасадорот изрази задоволство што македонската дијаспора е етаблирана во Австралија и е постојана и долгогодишна врска која ги приближува географски оддалечените држави, соопшти Собранието. 

Соговорниците се осврнале и на можностите за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двата парламента на сите нивоа, „вклучително и преку реципрочни официјални посети на ниво на претседатели на парламенти“. хс/мд/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан