Гаши: Процесот на трансформација на БСК во сили со воени способности се одвива според планот
- Процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во сили со воени способности, кои влезе во шестата година од десетгодишниот план, напредува според планот, соопшти Министерството за одбрана на Косово.
Приштина, 13 јануари 2024 (МИА) - Процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во сили со воени способности, кои влезе во шестата година од десетгодишниот план, напредува според планот, соопшти Министерството за одбрана на Косово.
Лиридона Гаши, политички советник на министерот за одбрана Ејуп Маќедонци, за Радио Слободна Европа вели дека овој процес е веќе во втората фаза од спроведувањето на сеопфатниот план и оти очекуваат оваа фаза да заврши следната година.
„Оваа фаза предвидува зголемување на борбените капацитети. Во текот на овие две години, фокусот е повеќе на инвестирање во модерни системи за вооружување... бидејќи барањето на Косово за купување ракети „Џавелин“ е веќе објавено. Но, ова не е единствениот систем што планираме да го купиме“, рече Гаши.
Процесот на трансформација на КБС во Вооружените сили на Косово започна во декември 2018 година, кога Собранието на Косово ги усвои законските измени за промена на мандатот на КБС. Планирано е овој процес да трае десет години, до 2028 година.
Според Сеопфатниот план за транзиција, чии детали не се јавни, некои од новите одговорности на КБС ќе вклучуваат обезбедување на суверенитет и територијален интегритет, обезбедување воена поддршка на цивилните власти и учество во меѓународни операции.
Во третата и последна фаза од трансформацијата на КБС, која започнува во 2025 година, се предвидува зголемување на воздушните капацитети, како што е набавка на хеликоптери и други воздушни капацитети.
Гаши рече дека трансформацијата во сили со воени капацитети се одвива побрзо од планираното, особено на полето на регрутирање на нови припадници на КБС.
Од 2021 до 2023 година, според неа, биле регрутирани 1.836 нови војници.
КСБ моментално брои околу 2.500 членови, а по преодниот период овој број се очекува да се зголеми на над 7.500 и да ги вклучи активните и резервните членови.
Буџетот за годинава за Министерството за одбрана на Косово е над 153 милиони евра. рп/
Фото: МИА архива