• петок, 22 ноември 2024

Гаши: На 17 октомври да испратиме порака до ДУИ дека претерале

Гаши: На 17 октомври да испратиме порака до ДУИ дека претерале
Струга, 12 октомври 2021 (МИА) – На 17 октомври треба да испратиме порака до ДУИ дека претерале, го изнудиле и уценувале народот, ги оставиле општините неразвиени, го деградирале образованието и културата, ги истерале младите во странство и тоа е последна можност за да ги казниме со глас, порача вечерва од Струга лидерот на Алтернатива Африм Гаши. На митингот на кој беше промовиран кандидатот за градоначалник од Алијанса на Албанците и Алтернатива, Идри Истрефи и советничката листа од коалицијата, чиј носител е Нијази Џумкар, Гаши посочи дека од Струга се гледа чиста победа, забележувајќи дека потребни се промени во општеството. - Оние од ДУИ, кога секој изборен циклус завршува со манипулирање на изборите, тогаш се гордеат и им се обраќаат на сите граѓани дека народот ги сака и затоа се тука. Мислам дека на 17 октомври треба да им испратиме порака дека претерале и да ги казниме со глас. Гласот против нив е порака дека тие мораат да се сменат, да се реформираат и дека ова е една од демократските вредности на ротацијата на власта, рече Гаши. Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, очекува победа уште во првиот изборен круг, забележувајќи дека политичките противници излегле од контрола. Тој нагласи дека на овие избори се гласа за личност и оти Истрефи е вистинскиот избор за стружани, чист и поштен човек, ценет меѓу сограѓаните. Барајќи поддршка од сите националности, Албанци, Македонци, Турци, Власи, Роми, Египќани на локалните избори да гласаат за број 6, кандидатот Истрефи заклучи дека ова не е само политичка кампања, туку битка за спасување на Струга. - Рамиз Мерко не е само мој противкандидат, тој е противкандидат на Струга и на сите стружани. Струга не е и никогаш не може да биде нечија сопственост. Струга им припаѓа само на стружани и на Бога. Сосема јасно ова го сфатија деновиве оние што мислеа дека Струга е земја наследена од вујко или дедо. Оние што градеа каде што сакаа, рушеа што сакаа, ја користеа Општината за свадби и забави и во никој случај во служба на граѓанинот. Оние, кои со наши пари и даноци купуваат куќи и имот насекаде, а нам ни го оставија иселувањето како најдобра опција, рече Истрефи.сс/фф/

Остани поврзан