• петок, 16 мај 2025

Гаши на седницата на ПАБСЕК: Парламентите се чувари на вредностите кои ги надминуваат националните граници

Гаши на седницата на ПАБСЕК: Парламентите се чувари на вредностите кои ги надминуваат националните граници

Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Во текот на изминатите децении, ПАБСЕК се потврди како платформа која не само што поврзува парламенти, туку гради доверба меѓу нации, стимулира економска соработка и поттикнува демократија. Денес, повеќе од кога било, ни е потребен ваков пристап, кој се темели врз почитување на меѓународното право, дијалог и инклузивност, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши на седницата на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка при Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК).

-Вашето присуство овде не е само дипломатски гест – тоа е потврда на нашата заедничка волја да продолжиме со конструктивна соработка, да ги продлабочиме институционалните врски и да изградиме правно и политички стабилен регион. Оваа Комисија е сржта на тие напори – место каде што правото и политиката не се во судир, туку во синергија.

Тој истакна дека во свет во којшто често сме сведоци на подривање на правните системи, растечки авторитаризам и отежнат мултилатерализам, „нашата обврска како парламентарци е да останеме гласници на законитоста, на демократијата и на транспарентноста“.

Нагласи дека парламентите не се само институции за носење закони – тие се чувари на вредностите кои ги надминуваат националните граници.

-Северна Македонија, активно се стреми кон продлабочување на своето учество во сите тела на ПАБСЕК. Ние сме убедени дека само преку отворен дијалог, заеднички приоритети и воспоставување на доверба, можеме да изградиме посилна и поодржлива регионална архитектура. Седницата се одржува во период на значајни геополитички текови кои ги засегаат сите нас. Во таа смисла, токму парламентите се тие што треба да бидат сврзното ткиво меѓу граѓаните и процесите на донесување одлуки. Ние, како претставници на народот, сме повикани не само да реагираме, туку и да предвидуваме – да ја градиме иднината со одговорност и визија, потенцира Гаши.

Додаде дека дискусиите и заклучоците од оваа седница ќе придонесат кон понатамошно развивање на правната соработка во регионот и ќе отворат нови перспективи за парламентарен ангажман, како и оти е можност за размена на искуства, за унапредување на добрите практики и за воспоставување на партнерства кои ќе бидат од корист на сите граѓани во поширокиот регион на Црното Море. нд/са/

Фото: Собрание

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан