• недела, 22 декември 2024

Гасењето на пожарот во село Умлена отежнато поради непристапниот терен

Гасењето на пожарот во село Умлена отежнато поради непристапниот терен
Штип, 4 август 2021 (МИА) - Гори село Умлена, над село Робово, во близина на село Митрашинци, голем потег со дијаметар од 10 километри и претежно борова шума. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен. Како што вели командирот на Одделението во Територијалната противпожарна единица - Берово, Димитар Букушовски, пожарот е се уште активен иако екипи трет ден учествуваат во негово гасење. -Има многу екипи на терен. Месното население приоѓа, но пожарот засега не е под контрола. Да се надеваме дека со напор, вечерва, утре ќе успееме да го ставиме под контрола. Патиштата се непристапни, со ограничени можности сме со возилата за дејствување. Затоа прилично тешко се одвива гасењето, нагласи Букушовски. Според него, помошта од Република Бугарија е добредојдена. -Им благодариме на колегите за напорите кои ги имаат направено за да може да дојдат до тука со две цистерни, неколку возила и со 20-25 пожарникари. На друга позиција се горе. Да се надеваме дека се ќе биде добро. Нивната помош е драгоцена, ќе ни помогне да успееме да го санираме пожарот, истакна Букушовски. За вакви пожари, со толкав интензитет, оцени, има повеќе причини – висока температура, скоро 40 степени, 50 дена без дожд, ветер. -Голем пожар не настанува случајно и туку така. Пожарот се шири, колку што се моите информации, требаше да се дејствува од воздух, бидејќи вакви комбинирани пожари, приземен, стебло и крошна тешко се гасне од земја и со возила. И возилата ни се со ограничени можности на дејствување. Меѓутоа и хеликоптерите се исто така со ограничени можности, така што, еве, како што гледате, почнува да се шири пожарот. Правиме се што е во наши можности и напори за да биде локализиран, истакна командирот. На терен се и пожарникари од Виница. -Дојдени сме од Виница. Распоредени сме во Умлена, сега чекаме да излеземе на терен. Ние сме екипа од четири пожарникари со опрема, опремено возило, со вода, изјави командирот на Противпожарната единица од Виница, Станко Спасов. Според жителка на селото Умлена кое е во непосредна близина на Пехчево, ситуацијата е страшна. -Пожарот дојде речиси до местото наречено Камен, уште малку да влезе во селото. Куќите не беа загрозени. Главно ја завршија работата, инаку ќе имаше голем беља, рече жителката од селото. вдј/мч/

Остани поврзан