• петок, 22 ноември 2024

Гардијан: Кина изградила 400 кампови за притвор на муслимани

Гардијан: Кина изградила 400 кампови за притвор на муслимани
Лондон, 24 септември 2020 (МИА) - Кина изградила речиси 400 логори за притвор во регионот Синџијанг, а изградбата на уште десетици ќе трае најмалку уште две години, иако кинеските власти соопштија дека нивниот систем на „превоспитување“ се намалува, откри австралиска организација цитирана од британски „Гардијан“. Мрежата на кампови во кинескиот далечен запад, каде што се притвораат Ујгурите и припадниците на другите муслимански малцинства, вклучува и 14 кои сè уште се градат, се гледа на сателитските снимки кои ги добил Австралискиот институт за стратешка политика (АСПИ) АСПИ вкупно идентификуваше 380 центри за притвор воспоставени во овој регион од 2017 година и меѓу нив има со различни облици, од кампови за ре-едукација со најслабо ниво на обезбедување до затвори со максимално обезбедување. „Гардијан“ наведува дека тоа е за 100 повеќе од претходните истраги и аналитичарите веруваат дека тие сега го потврдија постоењето на повеќето центри за притвор во регионот. - Доказите од оваа база на податоци покажуваат дека, и покрај тврдењата на кинеските власти дека се намалува бројот на луѓе во камповите, континуираните инвестиции во изградба на нови единици за притвор продолжија во 2019 и 2020 година, рече истражувачот на АСПИ, Нејтан Русер. Овие информации, заедно со координатите на одделни кампови, се објавени во јавност во базата на податоци до кои може да се пристапи преку Интернет - Синџијанг дејта проџект (Xinjiang Data Project).

Камповите биле идентификувани според изјавите на оние кои го преживеале престојот таму, потоа преку други проекти за следење на притворите и со помош на сателитски снимки. Официјален Пекинг тврди дека човечките права не се повредени во Синџијанг. Кинеските власти првично го негираа постоењето на кампови за притвор, за подоцна да ги опишат како места за деловна обука и програми за превоспитување за намалување на сиромаштијата и заканата од тероризам. Луѓето биле мета поради „тривијални“ престапи, како што се поседување на Куран или одбивање свинско месо. Пријавените злоупотреби вклучуваат произволно притворање, тортура и недавање лекарска помош во камповите, како и присилна контрола на бременоста. Гардијан наведува дека ујгурски семејства се принудени да ги примат кинеските власти во своите домови за да живеат со нив како „роднини“, како дел од сложениот систем за надзор, кој, исто така, ги следи луѓето преку Интернет, како и со помош на голема мрежа камери поставени на јавни места. Најголемиот документиран камп се вика Дабанченг и се наоѓа во близина на регионалниот главен град Урумгија. За време на последните градежни работи, тој зафати повеќе простор и сега во него има речиси 100 градби. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан