• вторник, 18 март 2025

Гази Баба додели еден милион денари за помош на семејствата на настраданите во Кочани

Гази Баба додели еден милион денари за помош на семејствата на настраданите во Кочани

Скопје, 18 март 2025 (МИА) - Советот на Општина Гази Баба на денешната итна седница донесе одлука за доделување на 1.000.000 денари на сметката на солидарниот фонд на Црвениот крст на Македонија за помош и поддршка на семејствата на настраданите во несреќата во Кочани.

На седницата, како што соопшти Општина Гази Баба, се обратил градоначалникот Бобан Стефковски кој уште еднаш изразил сочувство до семејствата на загинатите.

- Нема зборови кои можат да покријат болката кои сите ние ја чувствуваме. Она што можеме во овие тажни мигови за Македонија да го направиме е достоинствено да тагуваме, да бидеме солидарни и да се молиме. Ова е трагедија каква Македонија досега не памети. Нема граѓанин кој не чувствува болка и не бара одговорност. И јас, како градоначалник, човек, родител чувствувам болка, тага, но силно од мене произлегува и барањето за одговорност со точно име и презиме, истакнал градоначалникот Стефковски.

Тој потсетил дека не е далеку 2016 година кога токму општина Гази Баба се соочила со несреќа во која 22 граѓани ги загубиле животите, а била нанесена и голема материјална штета. 

Седницата на Советот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите во трагичната несреќа. дма/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан