• понеделник, 23 декември 2024

Габер Дамјановска за МИА: Измени во законот за АСЈО следат во техничкиот дел на полагањето на приемниот испит, повторно се враќа доделувањето на унифицирани дипломи

Габер Дамјановска за МИА: Измени во законот за АСЈО следат во техничкиот дел на полагањето на приемниот испит, повторно се враќа доделувањето на унифицирани дипломи

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) – Враќање на унифицираните дипломи за кандидатите кои ќе ја завршат успешно почетната обука за судии и јавни обвинители на Академијата за судии и јавни обвинители, како и промена на редоследот за полагање на приемниот испит се дел од предложените измени во законот за АСЈО кој е во собраниска процедура.

Ова за МИА го појасни директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска, откако на веб сајтот на АСЈО беше објавено соопштение за кандидатите за слушатели за прием на IX генерација на почетна обука, во кое се вели дека Комисијата за приемен испит одлучила квалификацискиот тест да не се полага во термините од временска динамика од 29 мај до 4 јуни бидејќи, како што е нагласено, „во собраниска процедура е новиот предлог закон за АСЈО и дека се очекува да биде донесен до крајот на месецот“ и дека дополнително ќе бидат известени за термини. 

Појасни дека новиот предлог текст на законот е подготвен уште во 2019 година и дека подоцна е доработуван според консултации од страна на Европската Комисија. Во однос на измените за приемниот испит Габер Дамјановска нагласи дека направена е проценка дека актуелното решение е неповолно за кандидатите бидејќи за погрешните одговори се добиваат негативни бодови и дека само со законски измени може да се корегира ваквата состојба.

- Според новиот предлог-закон фазите на испитот се следните: странски јазик, психолошки тест, тест за интегритет, квалификациски испит, практичен испит и устен дел. Проценка е дека со оглед на тоа што првите три дела се елиминаторни (положил-не положил и задоволува-не задоволува), подобро е да претходат пред стручниот дел. Потоа, во квалификацискиот дел прашањата остануваат 100, но понудените одговори ќе бидат само три, без негативни поени а точниот одговор ќе носи 1 бод. За да се положи овој дел, ќе биде потребно да се освои најмалку 61 бод, истакна Габер Дамјановска.

Директорката на АСЈО потенцира дека Програмата за полагање на испитот останува неизменета, а во случај доколку Собранието не ги донесе измените Академијата може да постапува по одредбите од постоечкиот закон.

Во продолжение следува целиот разговор со директорката на АСЈО Наташа Габер Дамјановска:

На 23 мај на веб сајтот на Академијата за судии и јавни обвинители објавивте соопштение за кандидатите за слушатели за прием на IX генерација на почетна обука, во кое велите дека Комисијата за приемен испит одлучила квалификацискиот тест да не се полага во термините од временска динамика од 29 мај дои 4 јуни бидејќи, како што е нагласено, „во собраниска процедура е новиот предлог закон за АСЈО и дека се очекува да биде донесен до крајот на месецот“ и дека дополнително ќе ги известите за термини. Можете ли да ни појасните какви ќе бидат измените?

-Пред се би сакала да информирам дека новиот предлог-текст на законот за Академијата е подготвен уште во текот на 2019 година, во рамки на Министерството за правда, а од страна на за тоа назначена комисија, составена од претставници на правосудството, на Министерството за правда, Академијата и граѓанскиот сектор. Подоцна, текстот беше доработуван и според процесот на консултација и сугестиите од страна на Европската комисија. За жал, динамиката на донесување на овој закон значително се забави во Собранието, на сличен начин како и други законски предлози.

Важно е да се истакне дека Академијата континуирано го задржува својот системски статус како единствена влезна точка за позициите судија и јавен обвинител, како што и впрочем е ставот на Европската комисија, и дека процесот на образование во почетната обука трае две години. Истовремено, се запазуваат стандардите кои и досега беа нормирани во претходните законски текстови. Измени следат во техничкиот дел на полагањето на приемниот испит, кој во главни црти ги задржува досегашните контури. Исто така, повторно се враќа доделувањето на унифицирани дипломи, за кандидатите кои ќе ја завршат успешно почетната обука, односно дека ќе можат да работат и како судии и како јавни обвинители.

Што ќе значат измените во законот за кандидатите, дали правно е издржана ваквата измена која се случува во текот на започната постапка и дали има повреда на Уставот со оглед на тоа што веќе се полагаше тестот за еден од трите странски јазици кои се користат во ЕУ?

-Според актуелното законско решение, прво се полага странскиот јазик, па следат квалификацискиот дел од испитот, психолошкиот тест, тестот на интегритет, практичниот дел од испитот и крајно усниот дел. Квалификацискиот испит содржи 100 прашања од сите материи во правото и секој точен одговор носи 1 бод, одговорите кои се неточни, а слични со точниот одговор носат 0 бодови, додека неточните одговори во помал или поголем обем носат негативни бодови, односно -0,5 и -1 бод. За да се положи овој дел, потребно е кандидатот да освои најмалку 40 бода. Проценка е дека ваквиот систем е неповолен за кандидатите, бидејќи освоените бодови на некои прашања може да ги изгуби со погрешен одговор на други прашања. Со оглед дека се работи за законско решение, ваквата состојба може да се коригира единствено со нов законски текст. Според новиот предлог-закон фазите на испитот се следните: странски јазик, психолошки тест, тест за интегритет, квалификациски испит, практичен испит и устен дел. Проценка е дека со оглед на тоа што првите три дела се елиминаторни (положил-не положил и задоволува-не задоволува), подобро е да претходат пред стручниот дел. Потоа, во квалификацискиот дел прашањата остануваат 100, но понудените одговори ќе бидат само три, без негативни поени а точниот одговор ќе носи 1 бод. За да се положи овој дел, ќе биде потребно да се освои најмалку 61 бод. 

Практичниот дел го задржува форматот на полагање на еден предмет од кривичната и еден од граѓанската материја, каде секој носи по најмногу 35 бода. Усниот дел од испитот носи 30 бода. Секој член на комисијата ја дава сопствената оценка, од која потоа се вади просечна оценка, се задржува анонимноста во писмениот дел, а усното полагање ќе се снима.

Морам да нагласам дека според закон целиот процес на приемен испит го води за таа намена избрана комисија, која работи независно. Составена од претседател и девет членови, кои имаат и свои заменици. Членовите се назначени од правосудните органи на државата, а само еден член е од Министерството за правда, со оглед на тоа дека Министерството има законска надлежност да врши надзор над работата на Академијата. Директорот според закон нема никаква надлежност во процесот на приемниот испит, а службите во Академијата организациски го сервисираат процесот и работата на комисијата.

Програмата за полагање на испитот останува неизменета. По однос на фазите во досегашниот процес, полагањето на странски јазик е бездруго првата фаза. Поцелисходно е да следат психолошкиот тест и тестот на интегритет кои би се полагале пред годишните одмори, додека кандидатите би можеле солидно да се подготват за стручниот дел од испитот кој би се одвивал во септември. Новиот начин на бодување на квалификацискиот тест е реално поповолен, полесен за кандидатите и ги отстранува побројните, понекогаш збунувачки понудени одговори на прашањето. Крајно, правник со квалитетно правно знаење би требал да се докаже и преку солидно познавање на праксата, преку која треба да знае да постапува, да резонира и стручно да аргументира. Мислам дека овој дел не можеше да биде видлив досега, единствено преку компјутерско кликање на понудени одговори.

Дали Комисијата има гаранција од политичките партии бидејќи велат дека „очекуваат наскоро да бидат донесени измените за АСЈО“. Што доколку се пролонгира за подолг период?

-Верувам  дека процесот на донесување на новиот закон ќе биде динамичен. Во случај тоа да не се оствари, Академијата секогаш може да продолжи да постапува според одредбите на актуелниот закон. Секако дека заложбата е да не се губи непотребно многу време во овој процес, кој е реално – комплексен.

Тестот за еден од трите странски јазици кои се користат во ЕУ кој од 513 кандидати кои имале право да го полагаат, 349 положиле, 107 не поминале, 56 не се појавиле на тестирањето, а еден бил дисквалификуван бидејќи го фотографирал тестот. Имате ли информации за жалби по однос на овој квалификациски циклус?

-Согласно Законот за Академија за судии и јавни обвинители, еден од условите за прием во почетна обука е активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), што се утврдува во рамки на приемниот испит во Академијата.

Бидејќи Законот за Академија не го уредува начинот на полагање на тестот активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија, прашањето е уредено со Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Согласно член 11-а од Правилникот „(6) Против резултатите од тестот за активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски и германски) не е дозволен посебен приговор“.

Борис Куноски

Остани поврзан