Вучиќ: Притисокот врз Србија ќе биде поголем од кога било претходно поради одлуката на Путин
- Сè што знаевме вчера, денеска веќе не постои, изјави Вучиќ од Монако за ТВ Пинк.
Белград, 21 февруари 2022 (МИА) -По одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за признавање на двете самопрогласени републики во источна Украина, Доњецк и Луганск, српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека позицијата на Србија не е лесна и дека ја доведува во ситуација кога има бројни предизвици, како и дека се почнати притисоци за воведување на санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека притисокот врз Србија по одлуката на Путин ќе биде многу поголем од кога било, дека тоа ќе ја урне целата безбедносна архитектура на светот и дека „никој не може да знае кој како ќе се однесува и кој што ќе прави“.
-Сè што знаевме вчера, денеска веќе не постои, изјави Вучиќ од Монако за ТВ Пинк.
Тој истакна дека е загрижен за ситуацијата во Русија и Украина и дека позицијата на Србија не е воопшто лесна.
-Сè што се случи денеска ја доведе Србија до бројни предизвици, како што се економски, политички и многу други, кажа Вучиќ.
Како што истакна, за Србија е важно што во однос на политичката и безбедносната архитектура „нашата посветеност на мирот мора да биде силна, а нашата сила на одвраќање уште посилна“.
Тој оцени дека медиумите во Србија се „пристрасни“ и дека 80 отсто од нив се на руска страна, а останатите 20 отсто се „а приори против“.
-Сите самите си нанесуваме штета, наместо да се трудиме да бидеме мирни, и да ја поминеме светската криза без гребнатини, кажа Вучиќ.
Српскиот претседател изјави дека веќе почнал притисок Србија да воведе санкции кон Русија, како и дека притисокот не доаѓал од францускиот претседател Емануел Макрон, туку дека тој денеска разговарал со него за Западен Балкан.
Вучиќ оцени дека очекува голема криза и дека направил грешка што „не ги слушал Кинезите“ и што Србија не набавила суровини, јаглен и нафта штом Кина почнала да го прави тоа.
Тој повтори дека граѓаните не мора да набавуваат намирници бидејќи државата обезбедила млеко во прав, сол, конзервирана храна и додаде дека издал наредба до армијата и барање до полицијата во секое време да биде најдобро подготвена, да продолжи да инвестира во опрема и оружје. об/сд/