Вучиќ по средбата со Марта Кос: Ја нагласив нашата целосна подготвеност за забрзување на реформите
- По средбата со Кос во Белград, Вучиќ напиша на Инстаграм дека имале „добар разговор“ за клучните предизвици и можности на европскиот пат на Србија, со посебен фокус на реформите и спроведувањето на Европскиот план за раст за Западен Балкан.

Белград, 29 април 2025 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва објави дека и укажал на европската комесарка за проширување, Марти Кос, дека Белград е целосно подготвен да ги забрза реформите на европскиот пат.
По средбата со Кос во Белград, Вучиќ напиша на Инстаграм дека имале „добар разговор“ за клучните предизвици и можности на европскиот пат на Србија, со посебен фокус на реформите и спроведувањето на Европскиот план за раст за Западен Балкан.
„Ја нагласив нашата целосна подготвеност за забрзување на реформите - не поради бирократски барања, туку затоа што веруваме дека тие им носат подобар живот на нашите граѓани“. Тој додаде дека Србија го гледа Планот за раст како шанса за забрзување на економскиот развој, за зајакнување на институциите и за приближување кон Европската Унија, „не само политички, туку и фундаментално, преку конкретни придобивки и стандарди што граѓаните можат да ги почувствуваат“.
„Верувам дека преку сериозна работа, одговорност и искрено партнерство со Европската унија, ќе го искористиме постојниот моментум и ќе отвориме нова фаза во процесот на европска интеграција на Србија“.
Претходно денеска во Белград, Кос разговараше одделно со премиерот Ѓуро Мацут и претседателката на Парламентот Ана Брнабиќ, а утре ќе се сретне со членови на владејачките и опозициските партии, со претставници на граѓанското општество и медиумите, со ректори и декани на неколку универзитети и факултети, како и со водечки жени од различни сектори. зш/