• четврток, 14 ноември 2024

Вучиќ: Гасниот интерконектор Бугарија - Србија ќе може да снабдува и други земји од Западен Балкан

Вучиќ: Гасниот интерконектор Бугарија - Србија ќе може да снабдува и други земји од Западен Балкан

Белград, 1 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ, присуствуваше на почетокот на работите за изградба на гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија на бугарска територија во Костинброд кај Софија. 

Вучиќ, кој беше пречекан од бугарскиот претседател Румен Радев, рече дека станува збор за важен европски проект и дека Србија ќе може да снабдува и други земји од Западен Балкан.

- Сè повеќе трошиме гас. За разлика од значителен дел од Европа, Србија се реиндустријализира, рече Вучиќ. Според него, преку гасоводот во правец на Србија на годишно ниво ќе може да поминуваат 1,8 милијарди кубни метри гас, но тој е двонасочен, а од Србија ќе може да одат 150 милиони кубни метри гас годишно. Србија, додава тој, подоцна ќе мора да ги зголеми своите капацитети.

- Ова е важен европски проект бидејќи ќе можеме да снабдуваме и други земји од Западен Балкан, каде ќе бидеме транзитна земја за нив, како што е Бугарија за нас. Бугарија е многу доверлива земја и во овие тешки услови не сме имале проблеми со Бугарија ниту еден ден, изјави Вучиќ.

Тој потенцираше дека станува збор за голема инвестиција.

-ЕУ донираше 49 милиони евра, добиваме и 25 милиони финансирање од ЕИБ кои се убедливо најповолни заеми, а од буџетот финансираме речиси 19 милиони. За нас овој проект значи вработување за нашите работници и овозможува да имаме повеќе енергетски избори и не поврзува со Европа, светот, со Грција, Турција, подоцна со Тапа и Танапа со азербејџански гас. Важна работа за Србија, забележува Вучиќ.

Тој посочува дека треба уште многу да се направи за Србија да биде важна транзитна рута.

-Направивме една важна работа - гасоводи. Немавме ништо, само преку Берегов до Панчево, централна Србија немаше гасовод. Кога ќе погледнете, Црна Гора нема гасовод. Некои земји го имаат на ограничена територија. Сега имаме централен гасовод во должина од 402 километри, за тоа потрошивме многу пари, речиси милијарда и половина. Тоа е важно за БДП, но ни помогна да имаме доволно струја зимава, рече Вучиќ. .

Тој посочува дека цената е меѓу најниските во Европа и за гас и за струја.

-Успеавме да минеме неповредени, не беше лесно да се издржи. Кога ќе заврши зимската сезона на 31 март, Банатски двор ќе остане полн со 286 милиони кубни метри плин, а ќе имаме меѓу 180 и 200 милиони кубни метри гасот оставен во Унгарија во нашите магацини. Допрва ќе треба да ги надополниме капацитетите за зимата, рече Вучиќ.

Тој на градилиштето го пречека претседателот на Бугарија и започнаа билатерална средба со делегациите. Присутен е и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Џофре.

Вучиќ истакна дека денеска е важен ден за Србија, Бугарија и за целиот регион, укажувајќи дека поврзувањето на двете земји, двата народа и економиите на двете земји продолжува.

Тој на својот Инстаграм профил објави фотографија од средбата со Радев и му се заблагодари за неговите напори за градење подобра иднина и најдобри можни заеднички односи.

Гасниот интерконектор ќе биде во целосна синергија со терминалот ЛНГ во Александрополис и ќе биде врска до Јужниот гасен коридор и ќе обезбеди алтернативно снабдување со гас од Каспискиот регион.

Радев изјави дека Бугарија се покажала како сигурна транзитна земја и дека и во најлошата ситуација, кога останала без руски гас, продолжила без проблем да извезува гориво во Србија.

- Нашата земја е и трет по големина нето-извозник на електрична енергија во Европа, рече Радев.

Според него, гасниот интерконектор не е само инфраструктурен проект, туку симбол на потенцијалот на целиот регион за иднината.

- Интерконекторот е залог за иднината, но и израз на волјата на нашите земји не само да градат билатерални односи, тој е и паневропска иднина заснована на солидарност и иновативни технологии. Тоа е пример за тоа како нашата одржлива соработката со ЕК води до взаемна корист не само за нашите земји. Тоа е пример за успешно спроведување на европската стратегија за достапна енергија. Овој интерконектор е успех и за Бугарија, бидејќи добиваме пристап до проширени пазари.

Министерот за енергетика Росен Христов рече дека Бугарија ја прифаќа својата одговорност да биде гарант за безбедноста во регионот.

- Овој интерконектор ни дава можност да имаме корист од остатокот од мрежата на земјата, гарантирајќи најниски можни цени не само за Бугарија, туку и за регионот, посочи Христов.

Вкупната вредност на интерконекторот е 85,5 милиони евра. Гасоводот има капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно и е проект од заеднички интерес за ЕУ.

На средбата по повод почетокот на работите за изградба на гасоводот присуствуваат министрите за енергетика на двете земји, Росен Христов и Дубравка Ѓедовиќ, како и извршниот директор на „Булгартрансгаз“ Владимир Малинов и Душан Бајатовиќ од Србијагас.

Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш - Димитровград - Бугарија, според проценката на Европската инвестициска банка, е 85,5 милиони евра, од кои ЕИБ дава 25 милиони евра во форма на заем, 49,6 милиони се неповратни ЕУ кофинансирање од ИПА фондовите, додека остатокот ќе биде трошоците да се покриваат од буџетот на Србија и сопствени средства на ЈП Србијагас. Главен изведувач е „Главболгарстрој“.

Гасната интерконекција меѓу Србија и Бугарија, како што е најавено, ќе биде подготвена за оперативна работа кон средината на оваа година.

Работите опфаќаат изградба на двонасочниот главен гасен интерконектор МГ10 Ниш - Димитровград на територијата на Србија, меѓу системите за природен гас на Србија и Бугарија, како и изградба на четири мерно регулациони станици и придружни објекти.

Договорот за изградба на гасоводот Ниш - Димитровград беше потпишан во 2010 година, а работите на изградбата на гасниот конектор во Србија започнаа во февруари 2022 година. ссм/зш/

Остани поврзан