Вучиќ бара од Велика Британија поголемо разбирање за ситуацијата на Косово
- Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ја повика Велика Британија да покаже поголемо разбирање за ситуацијата во Косово со тоа што ќе го поддржи дијалогот и ќе ги осуди едностраните потези на Приштина.
Лондон, 29 јануари 2025 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ја повика Велика Британија да покаже поголемо разбирање за ситуацијата во Косово со тоа што ќе го поддржи дијалогот и ќе ги осуди едностраните потези на Приштина.
Тој со британскиот државен министер за Европа, Северна Америка и прекуокеанските територии, Стивен Даути разговарал за актуелната ситуација на Косово.
„Разговаравме и за актуелната ситуација на Косово, каде детално го информирав министерот за речиси невозможните услови во кои живеат Србите“, објави Вучиќ на Инстаграм.
Станало збор и за безбедносните предизвици во поширокиот регионален контекст, како и за европскиот пат на Србија, а Вучиќ го поканил британскиот премиер Кир Стармер да ја посети Србија.
Српскиот претседател додаде дека фокусот на разговорите бил на зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави, а се разговарало и за различни аспекти на соработката, вклучувајќи ги економијата, трговијата, сајбер безбедноста и миграцијата. рп/
Фото: МИА архива