• вторник, 19 ноември 2024

Вучиќ-Рама: Стекнавме навика отворено да зборуваме, некогаш се согласуваме, а некогаш не

Вучиќ-Рама: Стекнавме навика отворено да зборуваме, некогаш се согласуваме, а некогаш не

Белград, 7 кули 2023 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама вечерва по средбата во Белград изјавија дека двајцата по повеќе децении во односите меѓу Србија и Албанија почнале да го менуваат лошото политичко наследство, дека разговарале за Берлинскиот процес, за Отворен Балкан, и за „нивните неретко различни погледи за ситуацијата на Косово“ избегнувајќи да говорат поотворено за оваа тема, јави дописникот на МИА од Белград.

- Го поздравуваме ангажманот на Рама и неговиот личен придонес во Берлинскиот процес, рече Вучиќ и посочи дека Берлинскиот процес е корисен регионален формат, кој ќе придонесе за подобрување на процесот на помирување и надминување на проблемите наследени од минатото. Албанскиот премиер за Берлинскиот процес кажа дека „би можеле да направиме некаков нов план, за да може Европската комисија да ги стави на хартија финансиите за Западен Балкан, за да отвориме нови патишта за интеграција на нашите земји на пазарот на ЕУ, но и за судир на мислења“.

За ОБ Вучиќ рече дека вечерва ќе ги продолжи дискусиите со Рама на ова тема.

- Ние, заедно со Албанија и Северна Македонија, ја започнавме иницијативата Отворен Балкан, која донесе огромни придобивки за секој од нас и за нашите граѓани, и мислам дека оваа иницијатива може да придонесе за натамошно зближување на народите и подобар живот за сите наши граѓани. Ќе имаме заеднички средби во рамките на иницијативата ОБ и во наредниот период. Се подготвуваме за саемот кој можеби ќе биде трет по големина саем во Европа годинава, зборуваме за Винска Визија за ноември, што ќе го организираме како дел од ОБ во Белград, а верувам дека ќе биде и меѓу првите неколку во светот, рече Вучиќ.

Тој кажа дека со Рама разговарал за сите регионални прашања и за нивните често различни ставови за ситуацијата на Косово.

- Но, мислам дека не би било фер ни коректно да изнесам што било пред Рама кога станува збор за нашите разлики во поглед на тоа како да ги решиме проблемите, бидејќи верувам дека ниту тој нема тоа да го направи. Ќе го оставиме тоа за нашите земји и за натамошниот тек на нашите вечерашни разговори, истакна Вучиќ.

Па сепак одговарајќи на новинарски прашања за можноста северно Косово да се претвори во нов „Донбас“ и за деескалација на состојбата, Вучиќ кажа дека „никој нормален не може да се радува на конфликти“ и дека за деескалацијата „се работи уште за истовременото повлекување на градоначалниците на северно Косово, Србија сè останато има исполнето, сакаме мир, колку и да е тешко“.

- Што се однесува до гледањето со Албин Курти, никогаш немав проблем да разговарам со него. Се обидов да разговарам со сите албански претставници. Ме прашувате кога ќе го видам, а не знаете ни вие кога ќе го видат и овие поблиските, рече Вучиќ.

На прашањето за нацрт-статутот на Еди Рама за ЗСО, Вучиќ одговор дека не го видел тој предлог.

- Морам да ве упатам на бриселскиот договор, ЗСО мора да се заснова на тоа што е потпишано и прифатено. Ставете ги принципите во статутот и тоа е тоа, Србите прифатија сè друго, дури и цивилната заштита. Суштината е дека мора да се формира ЗСО. Не видов никаков предлог, рече Вучиќ.

Еди Рама повтори дека предлог-статутот е придонес што тој го дал, а не нешто што страните нужно би го прифатиле.

- Она што е на хартија им е предадено на кумовите на француско-германскиот план, Макрон, Шолц, но и Мишел. На нив е дали ќе го прочитаат или не, ќе го земат или нема да го земат предвид. Јас го сметам за позитивен придонес и сметам дека развлекувањето со процесот на формирање на ЗСО е стратешка грешка. Кога станува збор за Советот за безбедност на ОН, ние сме членки како и на НАТО, но ниту сме суперсила, ниту имаме капацитет, а одлуките во врска со барањата на Србија за седница на СБ на ОН ќе ги носиме во согласност со сојузниците, одговори Рама изразувајќи загриженост „тензиите на северот на Косово да не го нарушат нашиот компас и со нив ќе мора да се справат сите“.

На тоа Вучиќ ја заклучи прес конференцијата со оценката дека „во Србија кумовите ги избираш сам. Ги каниш на крштевка или на свадба, кај нас кумови не се тие што ви наметнуваат одредени одлуки“. об/јт/

Остани поврзан