• недела, 22 декември 2024

Втор самит на Европската политичка заедница во Кишињев

Втор самит на Европската политичка заедница во Кишињев

Кишињев, 1 јуни 2023 (МИА) - Лидерите на 47 европски земји денеска ќе се соберат во Кишињев на вториот самит на Европската политичка заедница.

Трите главни теми за кои ќе се разговара на самитот се безбедноста, енергијата и поврзаноста, а фактот што во главниот град на Молдавија ќе се соберат 47 европски земји, според француското претседателство, е силна политичка порака до Москва.

Европската политичка заедница е неформален дипломатски форум создаден минатата година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон.

Меѓу учесниците се 27 земји-членки на ЕУ, целиот Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија) и уште 14 земји (Андора, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако, Норвешка, Сан Марино,  Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија).

Поканети се и претседателот на Европскиот совет и претседателите на Европската комисија и на Европскиот парламент.

Се очекува и доаѓањето на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, кој на маргините на средбата со Вучиќ ќе разговара за ситуацијата на северот на Косово.

На самитот на европската политичка заедница во Кишињев нема да се разговара за пристапните процеси на земјите кандидати за Европската унија, соопшти Елисејската палата.

Како што е наведено, „од почетокот е јасно“ дека Европската политичка заедница е политички форум чија цел е да се разговара за безбедносни прашања, регионални кризи и сега за војната во Украина, за да се изрази поддршка за неа.

„Нема да има разговори за пристапните процеси, за тоа се во тек пристапните преговори. Има клучни принципи кои сакаме да ги задржиме, а еден од нив е неформалноста, бидејќи сметаме дека е важно да нема структура, но и еднаквост, затоа што не сакаме да имаме разлики меѓу членките на ЕУ и оние што не се, особено оние земји што се кандидати, бидејќи ова е отворена форма“, им беше кажано на новинарите во пресрет на самитот.

Една од главните теми ќе биде безбедноста.

„Кога станува збор за безбедноста, на крајот на денот би сакале да имаме конкретни иницијативи, како подобро да се бориме против кибер криминалот, да споделиме експертиза за да ја заштитиме нашата критична инфраструктура“, беше кажано од француското претседателство пред состанокот.

Првиот состанок на Европската политичка заедница се одржа минатата година во Прага. По Молдавија, Шпанија (Гранада) и Велика Британија ќе бидат домаќини на следните самити на Европската политичка заедница. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан